Украинската влада вчера вети дека ќе изгради засолништа во кои ќе има греење, вода и електрична енергија, предупредувајќи ги граѓаните да штедат енергија за време на немилосрдната руска офанзива која сериозно ја оштети енергетската инфраструктура оваа зима.
„Специјални ‘центри на непобедливоста’ ќе бидат формирани низ Украина за 24 часа на ден бесплатно да обезбедуваат струја, греење, вода, интернет, мобилни врски и лекови“, рече претседателот Володимир Зеленски во своето редовно видео обраќањето до нацијата доцна ноќеска.
Во Украина над 10 милиони потрошувачи имаат прекин во снабдувањето со електрична енергија поради руските напади. Украинскиот национален оператор за електрична енергија вчера соопшти дека штетата е „колосална“.
„Доколку се повторат масивните руски напади и стане јасно дека со часови нема да има струја, тогаш ‘центрите на непобедливост’ ќе тргнат во акција со сите клучни служби“, рече Зеленски.
Руските напади врз украинската структура продолжија и денеска. Овојпат, како последица, без електрична енергија остана и половина Молдавија.