Зеленски слета во Вилнус, не гледа подготвеност ниту за повик на Украина во НАТО, ниту за членство

Украинскиот претседател Володимир Зеленски слета во Вилнус, каде што лидерите на земјите-членки на НАТО треба да разговараат за можното членство на Украина во Алијансата.

Украинскиот претседател на Твитер напиша дека не гледа „подготвеност ниту за повик на Украина во НАТО, ниту да се направи членка“.

Ден претходно, Зеленски изјави дека мнозинството членки се категорично „за“ неговата земја, а дека самитот на Алијансата во Вилнус треба да потврди дека Украина е всушност членка на НАТО.

„Мнозинството во алијансата е категорично ‘ЗА’ нас. Кога аплициравме за членство во НАТО, отворено кажавме: всушност, Украина е веќе во Алијансата. Нашето оружје е оружјето на Алијансата. Нашите вредности се оние во кои верува и Алијансата. Вилнус мора да го потврди сето ова“, рече Зеленски во синоќешното вечерно обраќање.

Генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг, отворајќи го Самитот во Вилнус, изјави дека сојузниците во двата дена ќе донесат многу одлуки за Алијансата да ја направат уште посилна.

Прочитајте и:  Кремљ одби да ги коментира обвиненијата за напад со „Кинжал“

„Ќе донесеме одлуки за зголемување на практичната и политичка поддршка за Украина. Тоа ќе ја приближи Украина до НАТО, каде што и припаѓа“, рече Столтенберг во својот воведен говор, додавајќи дека сојузниците, исто така, ќе ги зајакнат и одвраќањето и одбраната на НАТО и ќе се договорат за поамбициозно ветување за одбранбени инвестиции.

Зеленски вчера најави и дека на форумот ќе се разговара и за обезбедување на повеќе оружје за Украина, а од средбата во Вилнус, оцени, „можат да дојдат добри вести што се однесува до вооружувањето“.

На самитот присуствуваат и други украински функционери, меѓу кои и министерот за одбрана на земјата Олексиј Резников.

Извор: МИА

- Реклама -