Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека потпишал официјално барање Украина да се приклучи на Европската унија, откако претседателот на Европскиот совет – Шарл Мишел, рече дека Киев ќе треба да поднесе формална апликација за пристапување, по што земјите-членки ќе треба да излезат со едногласна позиција.
Зеленски побара од ЕУ да ѝ дозволи на Украина веднаш да добие членство, по посебна процедура, во момент кога државата се брани од инвазија на руските сили.
„Европејците се свесни дека нашите војници се борат за нашата земја, па затоа и за цела Европа, за мирот на сите ЕУ земји, за животите на децата, за еднаквост, за демократија. Ова ни даво целосно право да побараме од ЕУ, Украина веднаш да стане членка, преку нова специјална процедура“, истакна Зеленски.
Тој изрази благодарност до партнерите за нивната поддршка за Украина, особено за одлуката да ја снабдат земјата со оружје и со други средства.
Истовремено, појасни дека целта на Украина е да биде заедно со сите Европејци, како и најважното, да биде еднаква.
„Сигурен сум дека Украина го заслужи тоа и дека тоа е можно“, рече тој.
Барањето има широка поддршка во ЕУ, но, според Мишел, има и различни мислења меѓу земјите членки. Сепак, тој најави дебата.
„Ова се дебати кои дефинитивно ќе се одржат. Но, ние веќе имаме многу силен договор со Украина што треба да се засили. Тоа ќе ги зајакне економските и политичките врски со Украина“, изјави Мишел, прашан дали ЕУ е подготвена да ги отвори вратите за Украина.
Можно е лидерите на ЕУ да разговараат за членството на Украина на неформалниот самит во март, најави денеска и висок функционер на ЕУ кој побара да остане анонимен, потенцирајќи дека прашањето е важно за Украина и може да придонесе за крај на конфликтот со Русија. Сепак, важно да не се избрзува, предупреди тој.
Според него, меѓутоа, за прашањето се размислува и истото многу веројатно ќе биде тема на дискусиите на Мишел и шефицата на Европската комисија – Урсула фон дер Лајен, денеска во Париз, со францускиот претседател Емануел Макрон и со германскиот канцелар Олаф Шолц; а потоа и на 10 и 11 март на неформалниот состанок на Еворпскиот совет.
Претходно, во интервју за Еуроњуз, фон дер Лајен изјави дека ЕУ сака да ја види Украина во своите редови и дека „тоа ќе се случи со тек на време“.
„Имаме процес со Украина кој е, на пример, интегрирање на украинскиот пазар во единствениот пазар. Имаме многу блиска соработка на енергетската мрежа. Толку многу теми каде што работиме многу тесно заедно и навистина со тек на време, тие ни припаѓаат нам. Тие се едни од нас и ние ги сакаме кај нас“, изјави шефицата на ЕК, прашана дали Украина треба да добие статус на кандидат за ЕУ.
Таа акцентираше дека ЕУ и сега е исклучително солидарна со Украина.
„Ако ги погледнете бегалците кои се прифатени во Европската унија, финансиската поддршка и сега снабдувањето со воена опрема, сето ова покажува длабока солидарност со Украина. Тие ги споделуваат нашите вредности. Тие ги бранат нашите принципи. Украинците сакаат да живеат во мирна демократија, а Русија ги напаѓа. Затоа тие ја заслужуваат нашата целосна солидарност и ја имаат“, рече Фон дер Лајен, потсетувајќи и на низата финансиски и економски санкции на ЕУ кон Русија, но и на одлуката на ЕУ да финансира оружје, да ги забрани руските канали „Раша тудеј“ и „Спутник“, како и да ги прошири санкциите и против Белорусија.
Шефицата на германската дипломатија – Аналена Бербок, денеска изјави дека членството на Украина во ЕУ не може да се направи за неколку месеци, но истакна дека Украина е „дел од европската куќа“, чии врати, како што рече, отсекогаш биле отворени и тоа не е нешто ново сега по нападот на Русија.
Таа посочи дека пристапувањето на Украина нема да значи дека ЕУ сака да ја одвои од Русија, туку дека тоа ќе ја одрази желбата на многу Украинци нивната земја да се приклучи на ЕУ.
Премиерот на Словенија, Јанез Јанша, од друга страна, денеска изрази целосна поддршка за забрзана процедура за членство на Украина во Европска Унија за Украина.
„Ја имате нашата целосна поддршка“, напиша тој на Твитер, откако минатата недела, заедно со полскиот премиер Матеуш Моравјецки, го повикаа Европскиот совет да преземе „брзи и храбри одлуки“ за прием на Украина во ЕУ.
И чешкиот премиер Петр Фиала порача дека е неопходно да ѝ се даде на Украина јасен сигнал дека е добредојдена во европската заедница на демократски земји.
Извор: МИА