Зеленски: Одлуката на Романија за обезбедување систем „Патриот“ на Украина ќе ја зајакне нашата воздушна одбрана

Претседателот Володимир Зеленски изјави дека одлуката на Романија да и обезбеди на неговата земја систем за противвоздушна одбрана „Патриот“ ќе ја зајакне воздушната одбрана на Украина и ќе ја подобри безбедноста во Европа.

„Овој критично важен придонес ќе ја зајакне нашата воздушна одбрана и ќе ни помогне подобро да ги заштитиме нашите луѓе и критичната инфраструктура од рускиот воздушен терор“, напиша Зеленски на платформата „Икс“.

Романскиот Врховен совет за одбрана денеска одобри испраќање на одбранбен систем „Патриот“ во Украина, но под услов да продолжат преговорите со сојузниците во НАТО, особено со САД, за испорака на „сличен или еквивалентен систем“ на Романија, пренесува романскиот портал digi24.ro.

„Со оглед на значителното влошување на безбедносната ситуација во Украина како резултат на постојаните и масовни напади на Русија врз цивилното население и цивилната инфраструктура, особено енергијата, како и регионалните последици од оваа ситуација, вклучително и за безбедноста на Романија, во тесна координација со членките на Алијансата, членовите на Советот се одлучуваат да го донираат системот „Патриот“ на Украина“, се вели во соопштението на романскиот совет за одбрана.

Прочитајте и:  Зеленски им се заблагодари на САД по најавената помош за Киев од околу осум милијарди долари

Членовите на Советот за одбрана денеска одлучија да донираат еден систем „Патриот“ на Украина.

Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден планира да ги суспендира сите тековни нарачки на системот за противвоздушна одбрана „Патриот“ и ракетите пресретнувачи и да ја пренасочи нивната испорака во Украина додека не се задоволат одбранбените потреби на земјата, пишува денеска „Фајненшл тајмс“.

- Реклама -