Зеленски: Мир со Русија е можен само со наша победа на бојното поле, за тоа ни треба сѐ што нашите партнери имаат и можат да обезбедат

Единствениот услов под кој е можно да се постигне мир со Русија е победа Украина на бојното поле во земјата, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на посетата на селото Јагодно во областа Чернихивска, пренесе агенцијата УНИАН.

„На кој начин може да се постигне мир со Русија? Само со победа на бојното поле во нашата земја… да се запре Руската Федерација“, рече Зеленски.

Во спротивно, по Украина, Русија ќе тргне кон Европа, предупреди тој.

„Веќе можете да го видите резултатот од тоа што окупаторите им го прават на градовите во нашата земја“, додаде украинскиот претседател.

За да ја постигне оваа цел, истакна Зеленски, на Украина ѝ треба сѐ што нејзините партнери имаат и можат да обезбедат како помош во оружје и муниција. Притоа тој изрази благодарност до сите партнери за веќе дадената поддршка, која ќе помогне, како што рече, да се спасат животите на Украинците.

Прочитајте и:  Лавров: Зеленски се исплаши од одговорот на Русија

Зеленски престојуваше во селото Јагодно, во северниот украински регион Чернихив, „за да им оддаде почит на храброста на речиси 400-те жители кои Русите ги држеа 27 дена во подрум од локално училиште, пред да бидат ослободени“, јавија британските медиуми.

Зеленски во посетата на Јагодно беше придружуван од германскиот вицеканцелар Роберт Хабек и генералниот секретар на Советот на Европа – Марија Пејчиновиќ-Буриќ.

Во текот на изминатите две недели, Зеленски посети неколку локации на фронтот во Украина.

Извор: МИА

- Реклама -