Зеленски го прогласи Залужни за херој на Украина, ден откако го смени

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска го прогласи Валериј Залужни за херој на Украина, еден ден откако популарниот генерал беше сменет од функцијата врховен командант на армијата, пренесува Укринформ.

„За исклучителни лични заслуги во заштитата на државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Украина, несебичното служење на украинскиот народ, наредувам: да му се додели титулата Херој на Украина со орденот Златна ѕвезда на генералот Залужни Валери. Федорович“, се наведува во указот на украинскиот претседател.

Залужњи (50) стана врховен командант на украинската армија неколку месеци пред руската инвазија во февруари 2022 година. Под негова команда, според Киев, украинските трупи спречија целосна инвазија и подоцна вратија некои окупирани територии.

Вчера Зеленски го назначи Олександр Сирски за врховен командант на вооружените сили на Украина, откако претходно беше разрешен Залужни.

 

„Сакам визијата за војната да биде иста за нашите војници во Роботин, Авдиевка и во Генералштабот“, рече Зеленски за назначувањето.

Според него, Сирски има „успешно одбранбено и офанзивно искуство“ бидејќи, како што наведува, водел одбранбена операција во Киев и операција за ослободување во Харков.

Кој е Сирски?

Сирски ги предводеше копнените сили на Украина од 2019 година и е една од клучните фигури во Украина од почетокот на руската инвазија. Тој ја предводеше одбраната на Киев на почетокот на војната во 2022 година, а беше и „мајстор“ на успешниот контранапад во Харков минатото лето.

Роден е во јули 1965 година во руската област Владимир, која тогаш беше дел од Советскиот Сојуз. Живее во Украина од осумдесеттите години на минатиот век.

Како и многу луѓе на негова возраст во украинските вооружени сили, студирал во Москва – во Вишата воена командна школа – меѓу врсниците кои оттогаш станале руски команданти. Дипломирал во 1986 година и служел пет години во Советскиот артилериски корпус. Некои воени аналитичари веруваат дека неговата тактика на бојното поле ја одразува неговата советска обука.

Прочитајте и:  Волстрит џурнал: Уништен еден од шестте ловци Ф-16 што ги поседува Украина

Сирски стана шеф на украинските копнени сили во 2019 година. Тој претходно командуваше со украинските трупи кои се бореа против бунтовниците поддржани од Москва во источните региони на Доњецк и Луганск, во борбите кои почнаа во 2014 година, поради кои го доби военото име „Снежен леопард“.

Сирски ги надгледуваше некои од најголемите победи на Украина за време на конфликтот.

Тој ја предводеше успешната одбрана на главниот град Киев во првите месеци од војната, а во април 2022 година беше прогласен за Херој на Украина, што е највисока чест на земјата.

Во јули 2022 година, Сирски планираше и изврши молскавична контраофанзива која ги оттурна руските трупи од градот Харков и повторно зазеде делови од земјата на исток и југоисток.

На почетокот на минатата година, Сирски ја предводеше украинската одбрана на источниот град Бахмут, каде што илјадници војници од двете страни загинаа во една од најкрвавите битки во војната досега.

Некои воени аналитичари се прашуваа дали борбата за разурнатиот град вреди толку многу мртви и ранети.

Сирски рече дека упорната одбрана на Бахмут од страна на Украина им наштети на севкупните воени напори на Русија со поразувањето на група платеници на Вагнер.

Сирски вели дека приоритет му е моралот на неговите војници, кои ги посетува на фронтот.

Тој за западните медиуми изјави дека спие четири и пол часа навечер, а се релаксира со одење во теретана. Сирски е оженет и има два сина.

- Реклама -