Зеленски е против учеството на руските спортисти на ОИ 2024: „Сите нивни знамиња се извалкани во крв“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се спротивстави на идејата руските спортисти да учествуваат на Олимписките игри во 2024 година, макар и под било кое неутрално знаме, со образложение дека „сите нивни знамиња се извалкани со крв“.

Зеленски ова го изјави откако разговараше со претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) – Томас Бах, кој минатата недела изјави дека сѐ уште е нејасно дали руските и белоруските олимпијци ќе учествуваат на игрите во Париз за две години. Бах, меѓутоа, порача дека спортистите од овие две земји треба да се вратат на олимписките игри, став, што патем, го делат и САД.

Но, Зеленски изјави дека Украина е разочарана од намерата на МОК да им дозволи да се натпреваруваат под неутрално знаме.

„Можеме да кажеме само едно: бело или било кое неутрално знаме е невозможно за руските спортисти, бидејќи сите нивни знамиња се извалкани во крв“, рече украинскиот претседател во своето видео обраќање. Тој повика на „целосна изолација“ на Русите од спортските настани, посочувајќи, притоа, дека 184 украински спортисти загинале во војната со Русија.

Принципите на МОК „дефинитивно не предвидуваат удоволување на терористичките држави“, изјави украинскиот претседател, заклучувајќи дека допуштањето руските спортисти да учествуваат ќе биде грешка бидејќи би се сфатило како знак дека „светот наводно го одобрува рускиот терор“.

Извор: Index.hr

- Реклама -