Зеленски: Армијата бара мобилизација на уште половина милион луѓе

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска изјави дека украинската армија побарала да се мобилизираат уште меѓу 450.000 и 500.000 луѓе.

„Прашањето е многу чувствително. Армијата укажа на недостигот на работна сила и побара мобилизација на дополнителни 450.000 до 500.000 луѓе. Тоа е сериозна бројка“, рече Зеленски на прес-конференција.

Тој додаде дека воените и владините претставници ќе разговараат за ова „чувствително прашање“, по што парламентот ќе ја разгледа дополнителната мобилизација и посочи дека за таква масовна мобилизација ќе бидат потребни дополнителни средства.

„За тоа ќе бидат потребни дополнителни 13.5 милиони долари“, рече Зеленски.

Тој изјави дека „никој не знае“ кога ќе заврши војната со Русија и оцени дека Украина би можела побрзо да победи доколку продолжи да се спротивставува.

Прочитајте и:  Британски министер: Русија може да ја нападне нашата енергетска мрежа

Зеленски додаде дека Украина не е блиску до пораз, наведувајќи дека претходно била во потешка позиција.

Украинскиот претседател изрази и уверување дека американската и европската поддршка за Украина ќе продолжи.

„Вложуваме многу сериозни напори по ова прашање и сигурен сум дека САД нема да не предадат“, рече украинскиот лидер на својата годишна прес-конференција во Киев.

Средствата за Украина се одложуваат и во САД и во Европската унија поради политички несогласувања.

Зеленски ги изрази своите очекувања дека Европската унија наскоро ќе одобри пакет помош за Украина во вредност од 50 милијарди евра.

- Реклама -