Зеленска до Британците: За време на празниците, не ја заборавајте трагедијата во Украина

Војната во Украина не треба да биде заборавена за време на претстојниот Божиќ, изјави првата дама на Украина – Олена Зеленска, во интервју за „Би-Би-Си“ во Лондон, пред нејзиното обраќање во британскиот Парламент.

Зеленска истакна дека Украинците ја „чувствуваат силната поддршка“ како и политичката и финансиска и хуманитарната помош што ја добиваат од Британците, но и ги повика тие да не заборават на „трагедијата предизвикана од руската инвазија“ за време на празниците, иако имаат избор тоа да го сторат.

„Украинците се мошне уморни од оваа војна, но ние немаме избор. Ние се бориме за нашите животи. Британската јавност има избор. Тие можат да се навикнат на нашата трагедија, да се концентрираат на сопствените важни работи во животот. Мојата порака за Британците е следнава: Тоа не е само војна за нашата слобода и нашите животи. Ова е војна на спротивставени погледи на светот, војна за вредностите. Важно е тие да се зачуваат. Ова е борба за вистината и човечките вредности“, порача Зеленска.

Прочитајте и:  Велика Британија одбива да коментира дали Украина користела „Сторм Шедоу“ проектили против цели во Русија

Првата дама на Украина вчера го посети „Даунинг стрит“ 10 и се сретна со Акшата Мурти, сопругата на британскиот премиер. Денеска таа се обрати во британскиот парламент, каде ги повика пратениците Велика Британија да биде предводник во напорите одговорните за руската инвазија, алудирајќи и на рускиот претседател Владимир Путин, да бидат изнесени пред лицето на правдата. „Не ни треба само победа, туку и правда“, порача Зеленска.

Извор: МИА

- Реклама -