Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова денеска изјави дека најавениот 12-ти пакет санкции на Европската унија против Русија е дел од „хибридната војна“ што ја води Западот.
„Поради бескрајните санкции против Русија, ЕУ стана корисен идиот на Вашингтон“, рече Захарова на брифинг со новинарите.
Таа додаде дека САД ја користат Европа како „стап“ во, како што наведе, антируската политика на Вашингтон. Таа повтори дека членството на Украина во НАТО е неприфатливо за Русија. Захарова порача дека новите санкции нема да постигнат ништо и нема да останат без одговор, додавајќи дека санкциите на Западот и нанеле штета на самата Европска унија.
Европската комисија (ЕК) претходно предложи забрана за увоз на дијаманти и течен природен гас (ЛНГ) од Русија и заострување на контролите на ограничувањата на цената на руската нафта. За овие и други мерки членките на ЕУ ќе разговараат во петок, на 17 ноември.
Захарова додаде дека САД „испраќаат сигнали“ за нивната подготвеност да се вклучат во дијалог со Русија „зад сцената“ на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка во Сан Франциско.
„Почнаа да пристигнуваат сигнали за нивната подготвеност да водат прагматичен, неформален дијалог со нас, иако засега зад сцената“, рече Захарова.
МИА