Захариевски: Омонија е фаворит, но имаме шанси

Тренерот на Металург, Срѓан Захариевски вели дека неговиот тим ќе докаже дека добриот натпревар во Сараево против Железничар не е случајност.

Металург денеска го очекува нова европска битка, тимот на Срѓан Захариевски гостува во Кипар кај Омонија.
Тимот од Никозија е фаворит на хартија, но Металург не стравува, ќе истрча на теренот со цел да се надигрува и да оствари добар резултат пред реваншот во Скопје.
„Очекуваме еден добар, квалитетен натпревар пред полн стадион. Очекувам добра игра од мојот тим, но победникот ќе се решава во реваншот. Екипата која ќе направи помалку грешки ќе оди понатаму” – вели Захариевски.
„Омонија е фаворит на хартија, но ние ќе покажеме дека она што го направивме во Сараево не е случајно”.
Капитенот Миле Крстев се надева дека Металург ќе успее да постигне гол кој ќе биде многу значаен за реваншот.
„Очекувам добар натпревар, ние влегуваме растоварени од се, очекувам да го дадеме максимумот со една битка низ целиот терен и ако е можно да постигнеме гол-два, за во реваншот да ни биде полесно” – вели Миле Крстев.
Натпреварот започнува во 18:00 часот.
Текстот е објавен во соработка со 24fudbal.com.mk.

 

- Реклама -