Захариева за македонскиот и бугарскиот: Фактот што во Чиле зборуваат шпански не ги прави помалку Чилеанци

Бугарија ќе го блокира влезот на Северна Македонија во ЕУ сѐ додека земјата не признае дека има заедничка историја и јазик со нејзиниот источен сосед и сѐ додека не се откаже од она што Софија го смета за „говор на омраза кон сѐ што е бугарско“. Тоа е пораката што бугарската министерка за надворешни работи – Екатерина Захариева, ја испрати преку шпанската новинска агенција EFE, во интервјуто со новинарот Владислав Пунчев (кореспондент на EFE за Бугарија).

„Проблемот со историјата е што лагите и лажните интерпретации на настаните, луѓето и фактите, имаат директен импакт врз денешната реалност и раѓаат говор на омраза и негативна кампања кон Бугарија и Бугарите, нешто што е тотално неприфатливо за нас“, вели Захариева во интервјуто.

Таа ја обвини македонската политичка елита дека потрошила три декади од независноста од Југославија, на стимулирање и толерирање на тој говор на омраза, нешто што на крајот завршува влијаејќи врз обичните луѓе во земјата.

EFE наведува дека Бугарија бара Македонија да признае дека двете земји имаат заедничка историја и јазик, бидејќи смета дека Словените од Северна Македонија се Бугари кои зборуваат на дијалект на бугарскиот јазик, но на кои комунистичкиот режим на Југославија им дал нов идентитет и „македонски“ јазик.

Шефицата на бугарската дипломатија, пак, тврди дека Бугарија никогаш не го оспорувала правото на постоење на македонската држава, нејзиниот суверенитет и нејзината желба да си го нарекува јазикот како сака. „Но сето ова не треба да се прави по цена на лажење и негирање на тоа како нацијата била создадена“, вели Захариева.

Овие ставови бугарската вицепремиерка ги аргументира со тврдење дека во историските учебници – во однос на фактот што Бугарија како сојузник на Нацистичка Германија го окупирала она што денес е Северна Македонија, во време на Втората светска војна – „се учи омраза и се наведува дека сите Бугари се фашисти“.

„Ќе ја земам Латинска Америка како пример; Фактот што Аргентинците и Чилеанците зборуваат шпански не ги прави помалку Аргентинци или Чилеанци. Фактот што тие имале заедничка историја во еден дел во минатото не ги прави помалку суверени денес. Напротив, ги зближува“, поентира Захариева.

На истиот тој начин, тврди таа, исто како што Шпанија е еден од најголемите поддржувачи на тоа ЕУ да развива односи со земјите од Латинска Америка, Бугарија беше првата земја што ја призна независноста на Македонија во 1991 година и ја лансираше Европската перспектива на Западниот Балкан за време на своето претседателство со Унијата во 2018 година.

Захариева, односно Бугарија, исто така тврдат дека Македонија не се придржувала до Договорот за добрососедство од 2017 година, кој вклучува комисија за да ги разјасни историските прашања, пишува EFE. Иако е постигнат по некои точки, понатамошниот напредок е парализиран поради спорови околу борбата против Отоманската окупација на крајот на 19-от век.

Според Захариева, „Република Северна Македонија има богато досие на непочитување на билатерални договори“. Откако Македонија лани влегла во нато, тврди таа, забавила соработката во сите области од Договорот – од економијата и инфраструктурата, па сѐ до образованието.

Уште една точка за загриженост на Бугарија е можноста за територијални претензии и претензии за постоење на македонско малцинство во Бугарија, наведува EFE.

 

„Тоа е уште еден обид да се извитопери историјата, кој создава основа за иредентизам. А земји како Шпанија, на пример, совршено добро ги знаат опасностите од пораст на иредентизмот“, потенцира Захариева.

Со оглед дека откако Скопје прифати промена на името на државата Бугарија е единствената ЕУ членка која има билатерален проблем со Северна Македонија, прашана дали европските партнери ја разбираат оваа позиција, Захариева вели:

„И Грција не ја сфаќаа во текот на 15-те години колку што опстојуваше на своето вето. Сите овие услови се во Договорот за добрососедство, кој Скопје просто мора да го почитува“, подвлекува Захариева.

 

- Реклама -