„По повод добиената нота од амбасадата на РСМ во Софија во однос на предизборен клип на европратеникот Ангел Џамбаски, Министерството за надворешни работи би сакало да изјави дека предметниот материјал го смета за несоодветен“, соопштија денеска од бугарското МНР.
„Подвлекуваме дека пораките изразени во видеоклипот не ја одразуваат официјалната позиција на бугарската влада. Бугарија нема никакви територијални претензии кон други држави и тоа е многукратно декларирано“, се вели во соопштението.
Меѓутоа, бугарското МНР не отстапува од офанзивата.
„Забележуваме дека тој клип од бугарски политичар следува по тридневниот молк на владата на РСМ, која ја повикавме да се огради од клеветничките објави на словенечката невладина организација ‘Меѓународен институт за блискоисточни и балкански студии’ (ИФИМЕС, н.з.).
Владата во Скопје не само што не ги осуди спорните објави, но го нарече и ‘реномиран’ инстиутот кој напаѓа со лаги две држави-членки на ЕУ: Бугарија и Германија.
Го нотираме и целосното информативно затемнување во медиумите на Република Северна Македонија во однос на бугарскиот демарш по повод словенечката невладина организација, што сведочи до која мера властите во таа земја-кандидат за ЕУ толерираат плурализам и правото на слободно изразување на мислење“, се вели во одговорот на бугарското МНР.
„Во оваа прилика напоменуваме дека ваквите изјави не придонесуваат во напорите за продлабочување на пријателството, добрососедството и соработката меѓу двете земји. Реторика во која се изразуваат територијални претензии кон соседите не доликува на земји-сојузнички во НАТО и земја-членка на Европската унија, што е директно и спротивна на идеалите и вредностите на Европската унија, на кои и двете земји силно се посветени“, порачаа вчера од македонското МНР, по повод видеото на Џамбаски. Од МНР посочија и дека за тоа ќе ги известат соодветните институции на ЕУ.
Од друга страна, спин на бугарското МНР (како многупати досега) е дека Владата молчела околу „случајот“ со ИФИМЕС. Напротив, Владата отворено ја оцени како несоодветна постапката нашиот амбасадор во Софија – Владимир Крстевски, да биде повикан во бугарското МНР, и тоа за ставови изразени од трета страна, во анализа која никако не е поврзана со Владата, а е изготвена од Институтот за балкански и блискоисточни студии (ИФИМЕС) од Љубљана. Од Владата посочија и дека договорот со ИФИМЕС е завршен во 2019 година, но и дека невладината никогаш не била ангажиран за анализи поврзани со односите меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Како што сведочи македонската јавност, спин на бугарското МНР е и дека имало медиумски молк во однос на бугарскиот демарш на оваа тема. Доволно е само да се пребара на македонските агрегатори на вести.