„Република Северна Македонија ќе има место во ЕУ тогаш кога ќе биде подготвена. Во моментот Бугарија не смета дека земјата е подготвена“, изјави шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, денеска за БНТ.
Таа повтори дека во оваа етапа Бугарија не може да ја поддржи преговарачката рамка за РС Македонија за членство во ЕУ, бидејќи Скопје не ги исполнило условите од Договорот за пријателство.
Во однос на денешната видеоконференциска средба на министрите на земјите-членки на ЕУ, Захариева посочи дека на самиот совет не се носат решенија, но дека Бугарија останува на позицијата.
„На сите дискусии за преговарачката рамка Бугарија изразуваше една и иста позиција, и таа е дека во оваа етапа не би можела да ја одобри… Бугарија во март се согласи РС Македонија да започне преговори. Во решението на советот има експлицитно повикување и препорака, а кои се таму по настојување на Бугарија, за напредок во исполнувањето на Договорот за добрососедство и соработка. Тоа е она коешто во моментов требаше да се одобри, но бидејќи не ги гледаме нашите загрижености во преговарачката рамка, не може ни да ја одобриме. Сега дебатата не е за започнување или незапочнување на преговори“, истакна Захариева, додавајќи дека додека тоа не се случи, Бугарија нема да може да даде поддршка:
„Тие три нешта се основни: Придржување кон формулата за јазикот од ’99-та и потврдена во 2017 година; патна карта за исполнување на договогорот, која ќе биде надгледувана во текот на целиот преговарачки процес; и категоричен текст дека нема да бидат поддржани, во било каква форма, претензии за македонско малцинство во Бугарија“, објасни министерката за надворешни работи на Бугарија.
Една од темите на кои се осврна и денеска беше „антибугарската реторика“ во Македонија. Според Захариева, имало „страшно многу заблудувачки информации“ во медиумите во земјава, а антибугаризмот во последните неколку месеци бил недозволив. Бугарија не може да дозволи таква политика во ЕУ, истакна вицепремиерката:
„Бугарската дипломатија не може да си дозволи да води политика на ‘оцрнување’ на соседна држава, таква каква што гледаме дека се води, за жал, од Скопје. Ние сме членка на ЕУ, ние не можеме да си го дозволиме тоа“.
Проблемот е, според неа, што добрососедството е „хоризонтален критериум“:
„Една држава-кандидат за членство треба да се придржува и да ги исполнува во доброволен дух договорите што ги потпишала. Ние имаме долг список со случаи во кои Република Северна Македонија потпишала нешто со Бугарија, кое потоа не го исполнувала“, тврди Захариева.
Сепак, и покрај изнесеното, министерката потенцираше дека Бугарија продолжува да биде поддржувач на проширувањето на ЕУ. Истовремено, испрати и порака Македонија да не се откажува.
Како што оцени, властите во Скопје многу погрешно се потпирале на надежта дека Бугарија може да биде „притисната“ и да ги промени своите позиции. Сепак, таа ги повика да не се откажуваат при првата потешкотија на патот – одобрувањето на Преговарачката рамка.
„Допрва претстојат тешкотиите, процесот не е лесен. Бугарија исто така мина по таков пат“, додаде Захариева.
Според неа, сега треба да се размислува со ладни глави:
„Тогаш кога ќе се стишат страстите, вклучително и во Бугарија, и ќе се размислува со помалку емоции, кога ќе престанат да се држат до градењето на држава основана единствено и само на антибугарска идеологија – тогаш ќе добијат многу повеќе“, порача шефицата на бугарската дипломатија, потенцирајќи дека „од вистината не можеш да загубиш“.
Извори: БНТ, БГНЕС