Захариева: Имаат право да градат српски културен центар, но тоа покажува дека врските со Србија и Русија не се раскинати

Враќањето на српскиот јазик во училиштата во Македонија ги побива тврдењата дека врската со Србија и Русија е раскината, оценува вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија – Екатерина Захариева.

Во интервју на бугарската „бТВ“ Захариева рече дека не е изненадена. Таа не се согласи целосно со забелешката дека тоа е уште една провокација кон Бугарија и порача дека Македонија е суверена земја и има право да гради српски културен центар, на пример, но тоа го оцени како потврда за блискоста на Скопје со Белград, што според неа е одамна познат факт. Додаде и дека би сакала да види во Скопје да се изгради бугарски културен центар.

Сепак, таа „потсети“ дека самиот македонизам е геополитичка идеја создадена од Белград и Москва. Враќањето на српскиот јазик и најавената изградба на српски културен центар, пак, се чекор за дополнително зближување со Србија, оцени министерката, а тоа, според неа, е продолжение на македонскиот јазик, кој е создаден со оддалечување од бугарскиот и приближување кон српскиот.

„За жал, не сум изненадена од тоа решение на македонските власти. Враќањето на српскиот јазик означува дека сите партии во РС Македонија, независно од нивните политички разлики, се едногласни по тоа прашање, како и по темата за односите со Бугарија“, додаде Захариева.

Захариева беше прашана и за обвинувањата дека македонската полиција малтретирала бугарски возачи, односно запирала возила со бугарски таблички. Таа посочи дека и во Бугарија има таков закон според кој доколку повеќе од 6 месеци живееш во државата не смееш да возиш возило со регистарски табли од соседна држава и потенцираше дека добила уверување од македонска страна дека се работи за генерална акција на полицијата на ниво на целата држава. За секој случај, Захариева ги повика сите граѓани во Македонија што сметаат дека се репресирани затоа што имаат двојно (бугарско) државјанество, да го известат бугарското МНР.

- Реклама -