Захариева: Бугарија е искрен пријател, а кога си искрен пријател треба да ги посочуваш проблемите

Бугарија во 2021-ва ја чекаат многу предизвици, а едни од најголемите, на надворешен план, се преговорите со Република Северна Македонија, која еднострано се повлече од комисијата основана со Договорот за добрососедство, и антибугарската кампања која ја води во Европа, пишува бугарски „Труд“ во најавата на интервјуто со бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.

„Труд“: Како и да гледаме, темата Македонија се чини дека е доминирачка во надворешната политика на Бугарија, г-ѓо Захариева. Односите изгледаа прекрасни на почетокот, кога беше потпишан Договорот за соседство, а потоа нешто се случи нешто и денес односите се на најниско ниво. Каде тргнаа работите наопаку?

Захариева: Таа тема секогаш била дел од бугарската политика, не само надворешната. Да, навистина во последните години таа беше видлива, почнувајќи со потпишувањето на долгоочекуваниот Договор за пријателство и добрососедство, по 12 години преговори. Потоа, слободно можам да тврдам, Бугарија ја направи исклучително видлива темата за проширувањето на Европската унија. Сега, кон крајот на мандатот, се покажа невозможно за Бугарија во оваа етапа да каже „да“ за преговарачката рамка. Сметам дека кога ќе стивнат емоциите и во Бугарија, и особено во Северна Македонија, ќе започне да се мисли и дејствува порационално и ќе се види дека Бугарија никогаш не била непријател, а напротив – продолжува да биде искрен пријател. А кога си искрен пријател, треба да ги посочуваш проблемите и да бараш начин да ги решиш.

„Труд“: Интеграцијата на Западен Балкан беше во фокусот на Бугарското претседателство со ЕУ и многу беше направено во оваа насока, беа организирани состаноци што до пред само неколку години беа незамисливи. Ние ли нешто згрешивме, или во Скопје се исклучително тврдоглави и не го исполнуваат потпишаниот договор?

 

– За мене европската перспектива на Западниот Балкан, во таа смисла и на Република Северна Македонија, е навистина, без да преувеличувам, основен двигател за реформите во тие држави и за вистинско помирување. Од таа гледна точка, поставувајќи ја таа тема како основен приоритет на своето претседателство со Советот на ЕУ, Бугарија го направи најлогичниот избор како сосед на тие држави и од гледна точка на нашите национални интереси. Така што не сме направиле никаква грешка. Во однос на ситуацијата во моментов, сметам дека политичарите во целост (не само од власта) во Република Северна Македонија не сфатија како работи Европската унија. Тие не реагираа навремено на предупредувањата на Бугарија кои се случуваа и на средбите на сите нивоа со тамошните политичари, па дури ни по јавното усвојување на декларацијата на бугарскиот парламент. Непрекинато им објаснувавме, пријателски, дека договорите треба да се исполнуваат и дека нема кој да ја принуди Бугарија, како што беа заблудени во Скопје, да се повлече од потпишан договор, да го заборави и да ја заборави својата рамковна позиција, изгласана едногласно во парламентот. Ги предупредувавме најмалку година и пол пред да ги усвоиме заклучоците за проширувањето од март 2020 година. Самата позиција на бугарскиот парламент беше одобрена една година порано, а пред таа позиција многукратно сигнализиравме и повикувавме на почитување на договорот. Во протоколот на првата меѓувладина седница за исполнување на договорот, во 2019-та, на наше настојување, имаше ангажмани за темпото на работа на историската комисија. Тој протокол не беше просто потпишан од двајцата министри за надворешни работи, тој беше одобрен од двете влади. Неисполнувањето на тие ангажмани ја руши довербата на Бугарија во нивната искрена желба да го исполнуваат тој договор.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

„Труд“: Кој е излезот од ситуацијата? Знаеме дека господин Бучковски одново беше во посета. 

– Излезот е работа на враќање на довербата. Работиме во таа насока. Не сме запреле, не сме се откажале во никој случај. Го споменавте господинот Бучковски, ние работиме со колегите во Скопје на следната меѓувладина средба, која тие требаше да ја свикаат уште минатата година, но да речеме дека имаше околности таму што го отежнаа тоа. Работиме заедно на јасен план за спроведувањето на договорот – за надоместување на пропуштеното време. Таму има многу практични и јасни определби кои и двете страни треба да ги прифатат, треба да има јасен ангажман дека работата на мешовитата историска и образовна комисија повеќе нема еднострано да запира. Сакаме да видиме ангажмани дека колку и решенија да бидат прифатени, тие нема да останат само на хартија за членовите на комисијата, туку ќе бидат јавни, ќе влезат во учебниците. Се надевам дека кога ќе се вратиме кон прифатените ангажмани, ќе се воспостави и довербата.

„Труд“: Во моментов во Македонија постои трајно наложено мислење дека за претседателството на Португалија темата ќе биде приоритет и ќе ја принудат Бугарија да отстапи.

– Сетете се дека имаше мислења дека Германија ќе ја принуди Бугарија да се откаже од рамковната позиција одобрена од парламентот. Португалското претседателство ги објави своите приоритети, тие се очекувани. Претседателството изјави дека не треба да се брза со проширувањето и јас целосно се согласувам. Нема никаква смисла секој месец да имаме седница без да имаме никаков напредок по прашањата кои ние ги поставивме на маса. Бугарија не е душман на Република Северна Македонија и колку побрзо сфатат, толку побрзо ќе има полза најмногу за нивните граѓани. Ниту од португалските пријатели и колеги очекувам притисок, ниту од некој друг. Заедно треба да ја завршиме работата.

„Труд“: Има ли ризик, како што постои мислење во Скопје, по изборите во Бугарија, идната влада да омекне и да отстапи?

– Тоа го слушавме уште лани. Ретко, многу ретко бугарскиот парламент носи, по било кое прашање, едногласна одлука. А за Рамковната позиција за Република Северна Македонија се случи токму тоа. Така што, немам такви очекувања.

 „Труд“: Ако запре интеграцијата на Западниот Балкан, постои ли ризик замрзнатите конфликти да се активираат, како што се случи кон крајот на минатата година во Кавказ?

– Навистина верувам дека европската перспектива е основен двигател за реформи, само што реформите треба да се случат пред членството во ЕУ. Ако државите се приклучат нереформирани, тоа ќе доведе до суштински проблем во работата на ЕУ и закана за нејзиното функционирање. Основен принцип е пред и за време на пристапниот процес да се решат сите проблеми и отворени прашања не само со членките на ЕУ, туку и со соседите. Имаме редица лоши примери за нерешени билатерални прашања и токму тоа ги приморува земјите-членки да се исклучително внимателни при проширувањето. Никој нема интерес од такво проширување и тоа треба го сфатат во Скопје. Не да се прават обиди за компромитирање на Бугарија преку искривување на нашата позиција. Бугарија продолжува да биде пријател и да ја поддржува европската перспектива на земјите од Балканот, во таа смисла и на Република Северна Македонија. Таа поддршка, меѓутоа, не е безусловна. Условите се јасни – тие се европски – порача Захариева во интервјуто.

- Реклама -