Заев за српски „Курир“: Цела Европа има заедничка историја, а камо ли Балкан

„Се надевам дека никогаш веќе нема да има војни. Треба да го продолжиме нашиот пат на интеграција, бидејќи тоа ни дава иднина“, изјави премиерот Зоран Заев во интервју за српски „Курир“, прашан дали стравува од војна, во контекст на нон-пејперите кои заговараат прекројување на границите на Балканот.

Во контекст на одредени аспирации за „Голема Албанија“ во која би влегле делови и од Македонија, Заев вели:

„Никогаш не можам да речам дека ‘не стравувам’ со сигурност, но тоа би било тешко во Северна Македонија бидејќи сме членка на НАТО и со секое загрозување на нашата територија и интегритет би се активирал член 5. од Договорот со НАТО кој би нѐ штител – сите за еден, еден за сите. Сепак, не можам да речам конечно ‘не’ затоа што дефинитивно не се знае до каде некој може тоа да го испровоцира. И затоа решението е секоја земја да влезе во ЕУ. Кога ќе ги постигнеме Шенген условите, тогаш нема ни граница“.

На тенденциозното прашање „дали затоа што сме во НАТО не се секира за ништо“, премиерот повтори дека не се работи за безгрижност.

„Иако е Северна Македонија во НАТО, тоа не значи дека не се секирам, никогаш не се знае. Ако е нешто ризично за српскиот народ, јасно е дека е ризик и за сите нас. Балканот е мал регион, сите сме поврзани. Кога регионот е стабилен и безбеден, тогаш и Северна Македонија е стабилна и безбедна. А кога е регионот нестабилен и има проблеми, тогаш и ние сме нестабилни и имаме проблеми. За нас е добро сѐ она што е прифатливо за Белград и Приштина, решение кое гарантира мир на Балканот, европска интеграција, безбедност и иднина на сите етнички заедници кои живеат на таа територија“, рече Заев.

Во контекст на стабилноста, тој беше прашан и за блокадата од Бугарија.

„И за Бугрија ќе се најде решение“, вели Заев. Прашан како ќе се најде тоа решение, кога Бугарија инсистира дека јазикот ни потекнува од бугарскиот, премиерот вели:

„Постои решение за сѐ, но треба да се избере правиот момент. Кога има избори на Балканот, тоа се тешки моменти, тешко е за решавање, а во Бугарија сега имаше. Се разбираме (со Бугарија) исто како и со Србија, слични јазици говориме и верувам дека ќе најдеме разумно решение. Кога ги прашуваме ‘Зошто не ни го признаете македонскиот јазик?’, тие велат ‘Не, ние таа реалност ја прифаќаме, но дај да видиме кои се корените’. Ние имаме заедничка историја, цела Европа има заедничка историја, а камо ли Балкан. Од таа иста историја се создале нациите – македонската, српската, бугарската, хрватската, сите“, истакна Заев.

- Реклама -