Заев за „Катимерини“: Луѓето ги видоа придобивките од Преспанскиот договор, Грција сега ни е еден од петте најдобри пријатели

Луѓето ги видоа придобивките од постигнатиот Преспански договор и веќе постои зголемена соработка со Грција, вели екс-премиерот Зоран Заев во интервју за грчки „Катимерини“, објавено со наслов „По Договорот од Преспа Грција претставува верен пријател“, пренесува дописничката на МИА од Атина.

„Во Северна Македонија имаше многу инвестиции од Грција, особено во енергетиката, додека во периодот на коронавирусот Грција ни помогна со тоа што ни обезбеди вакцини. Сега градиме заеднички енергетски пазар и се обидуваме да бидеме отпорни и подобро подготвени за идните енергетски кризи. Ние сме мал регион и ако работиме заедно, ќе бидеме навистина посилни“, вели Заев во интервјуто.

Прашан за расположението и реакциите кон Преспанскиот договор овде кај нас, во Македонија, Заев вели дека „одредени десничарски партии“ продолжуваат да не го прифаќаат договорот, но дека тој сега веќе е дел од Уставот и мора да се почитува.

„Дури и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, јавно коментираше дека нема враќање назад. Затоа мора да продолжиме кон иднината. Како што тогашната грчка опозиција беше против, денес како Влада наоѓа начини и ја продолжува соработката, бидејќи никој не сака да уништи нешто што е корисно и за двете страни“, вели Заев за „Катимерини“, изразувајќи уверување дека и ВМРО-ДПМНЕ, ако дојде на власт, ќе го почитува договорот.

Според него, за тоа има две причини: прво, затоа што ВМРО-ДПМНЕ, без оглед дали е власт или опозиција, мора да го почитува Уставот зашто „Уставот е најголемиот правен акт во државата“ и, второ, затоа што „мора да бидат паметни и да продолжат да работат заедно“ со Грција.

Според Заев, благодарение на Преспанскиот договор регионот се менува, и тоа не само во енергетскиот сектор, туку и во земјоделството, текстилот, металната индустрија, итн.. Соработката е „многу видлива“, истакнува Заев во интервјуто, додавајќи дека се очекуваат над 2.5 милијарди евра од Грција во енергетиката и другите сектори во земјава, што, како што вели, е 25% од нашиот БДП.

Прашан за односите на земјава со Турција (во контекст на билатералните спорови и тензии меѓу Грција и Турција) по Договорот од Преспа, заев тврди дека „блискоста со Турција и понатаму постои, но граѓаните веќе ја чувствуваат Грција поблиска, бидејќи е наш прв сосед и станало многу видливо дека Грција е еден од нашите најверни пријатели“.

Тоа, вели екс-премиерот, се гледа и во анкетите; Пред Договорот, на анкетите Грција била оценувана како „еден од нашите три најголеми политички непријатели“, а граѓаните ја сметаат за „еден од петте најдобри пријатели на Северна Македонија“, тврди Заев.

Тој ги повтори неговите лични искуства со Грците што ги сретнува, кои неодамна ги сподели за грчките медиуми додека патуваше кон форумот во Делфи на мотор, во друштво на екс-министерот за здравство – Венко Филипче.

„Како политичар многу често сум во Грција, бидејќи моите деца студираат во Солун и сретнувам многу луѓе. Сите се толку љубезни, а постојат и оние кои велат ‘Господине Заев, јас сум против Преспа, но Вие сте добар човек. Затоа, ајде да соработуваме’“, повторил Заев за „Катимерини“.

Преку весникот, во интервјуто, Заев изразил и благодарност до актуелната грчка влада за поддршката за нашето членство во НАТО и за интеграцијата во ЕУ.

„Премиерот Мицотакис, министерот Дендиас и другите се бореа толку позитивно за Северна Македонија во Европската унија, Европскиот совет и Советот на Европа. Ова го прават пријателите и ние сме многу благодарни и нашите граѓани го знаат тоа“, порачал Заев.

Прашан каде ја гледа земјава за 10-15 години, тој е уверен дека најдоцна до 2030 година ќе бидеме земја членка на ЕУ. Благодарение на сите реформи направени досега, оценува Заев, „ќе имаме побрз пристапен процес во споредба со другите земји“.

Извор: МИА

- Реклама -