Заев: Владата им излезе во пресрет на општините кои со години тонеа во долгови за да можат да се посветат на развој

„Долги години општините тонеа во долгови, а новите градоначалници ја трошеа енергијата за да најдат начин да ги враќаат долговите. Решивме да им излеземе в пресрет и како Влада обезбедивме 50 милиони евра средства за општините. Секоја општина доби неповратни средства за да покрие 51% од пријавените долгови. Тоа многу ја олесни работата на градоначалниците и тие се посветија на проекти и планови за развој на локалните самоуправи“, изјави премиерот и претседател на СДСМ – Зоран Заев, на граѓанската трибина насловена „Најдоброто за нашата општина“, која вечерва се одржа во Скопје.

Тој истакна дека СДСМ честа и одговорноста четири години да ја предводи централната власт, но и локалните администрации во 56 општини и градот Скопје, ја манифестира со континуирана и ефикасна поддршка за единиците на локалната самоуправа, вклучувајќи го и Градот Скопје, насочена кон развој, екологија, почиста животна средина, почист воздух.

Заев истакна и дека оваа година се имплементира проектот за изградба и санација на локални патишта и улици во општините со вкупна должина од 450 километри.

„Дополнително, со 70 милиони евра средства од Светска Банка, секоја на располагање има до 2 милиони евра. 35 милиони евра се обезбедени за финансирање локални проекти преку пренамена на средства од ТАВ, што беа предвидени за изградба на карго аеродром. Со оваа наша одлука се финансираат 99 проекти во 75 општини, проекти за изградба и реконструкција на локална патна инфраструктура, за водоснабдителна мрежа, за канализациони мрежи, за реконструкција изградба на градинки и училишта и спортски објекти, за реконструкција и изградба на здравствени установи, и за други проекти што ги предложија општините“, посочи премиерот.

- Реклама -