Заев: Пријатно е чувството кога двата наши соседи што се членки на ЕУ се борат за нас

Пријатно е чувството кога единствените две од вкупно петте наши соседни земји кои се членки на ЕУ, се борат за Северна Македонија и нејзината евроинтеграција, вели премиерот Зоран Заев во интервју за МИА, по учеството на „24-та тркалезна маса со грчката Влада“ на покана на „Економист“, при што оствари и низа средби, како со грчкиот државен врв, така и со грчки бизнисмени.

Заев ги пофали напорите и заслугите на Мицотакис и Борисов, како за добиеното зелено светло за почеток на преговори, така и за заокружувањето на преговарачката рамка:

„Јас многу често зборував со позитивна изненаденост, на сите дебати на Европскиот Совет, првиот неуспешен во октомври, веќе беше премиер господинот Мицотакис, потоа во март со неговиот активен учинок внатре, зборувајќи за перспективите на Северна Македонија, да, и на Албанија, како нивен сосед исто така е еден од најпосветените поборници за европската иднина на Северна Македонија и тоа и го покажавме. Тука беше и борбата на премиерот Борисов, која што се случи. И тоа е едно убаво чувство. Двата единствени соседи од петте наши, што се членки на Европската унија, се борат за нас. Тоа е пријатно чувство.

Нормално, успеавме конечно, во март да ја добиеме долгоочекуваната одлука.

Еве сега помагаат во заокружувањето на преговарачката рамка и одржувањето, до крајот на годината, за време на германското претседателство, на првата меѓувладина конференција, каде што буквално со тоа почнуваат и самите преговори, тие се комплетни поддржувачи на тоа. Имаме среќа што Германија претседава, канцеларката Меркел е исто така комплетно посветена на оваа насока и верувам дека ќе успееме“, истакна Заев во интервјуто.

- Реклама -