„Иако сме Северна Македонија, пак е 40 степени“, му вели премиерот Зоран Заев на бугарскиот премиер Бојко Борисов, надоврзувајќи се на министерот за надворешни – Никола Димитров, кој на прашањето „Како е во Скопје“, одговори со „Многу жешко“.
Како што може да се види во видеото, објавено од Бојко Борисов на неговиот Фејсбук профил, шегата на Заев зaпали кај Димитров и неговиот бугарски колега, но не и кај вицепремиерот Бујар Османи, кој ладнокрвно (да не речеме „северно“) продолжи да си чeпкa по телефонот.
Македонската и бугарската делегација се сретнаа во Познањ, Полска, каде што се одржува средба меѓу Европската унија и Западниот Балкан, на која Софија и Скопје ќе го преземат претседателството со Берлинскиот процес. Северна Македонија и Бугарија на чело на процесот ќе останат 12 месеци, односно до јули 2020-та, кога ќе бидат домаќини на следната годишна средба.
Бугарските медиуми, освен разговорот за времето меѓу двајцата премиери, го пренесуваат и соопштението од македонската влада, во кое се истакнува дека „за првпат од почетокот на Берлинскиот процес, се случува една држава од Западен Балкан и кандидат за ЕУ, каква што е Северна Македонија, да копретседава заедно со држава членка, во случајов Бугарија“.
Туку, назад на времето. „Сигурно и во Софија е исто“, додаде Заев, на што Борисов одговори дека не е сигурен и дека на 2-3 дена бил во Брисел и не ги почувствувал гopeштините. „А види, овде е зима“, констатираше тој мислејќи на Познањ.
Разговорот се одвиваше без преведувач, истакнуваат бугарските медиуми.
https://www.facebook.com/boyko.borissov.7/videos/2476026829292039/