Заев пред амбасадорите на земјите од ЕУ: За идентитетот и јазикот не преговараме

На вчерашниот редовен годишен состанок на шефовите на дипломатските мисии на земјите членки на ЕУ во земјава, кој се одржа во Владата, амбасадорите предводени од шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје – Дејвид Гир, покажале посебен интерес за активностите за решавање на отворените прашања со Република Бугарија поради кои не се постигна консензус за преговарачката рамка за Северна Македонија во Брисел, информираат од Владата. Во тој контекст, на состанокот бил истакнат едногласниот заклучок дека процесот треба да продолжи што е можно побргу и да резултира со старт на преговорите за членство на земјава во ЕУ.

Премиерот Заев, пак, истакнал дека имајќи предвид дека членството на Северна Македонија во ЕУ нема алтернатива, за нас е важно да го продолжиме дијалогот со Бугарија во духот на меѓусебно почитување и во имплементацијата на Договорот за пријателство преку поинтензивна меѓусекторска соработка.

Но, исто така, Заев ги повторил и нашите црвени линии:

„Истовремено остануваме цврсто определени за одредени прашања, кои се наши црвени линии, како што е македонскиот идентитет и македонскиот јазик; За нив не преговараме“, додал тој.

За време на дебатата, претседателот на Владата Заев ја поздравил изразената поддршка за проширувањето на ЕУ од страна на амбасадорката на Португалија Вирџинија Пина, при што додал дека е многу важен ставот на Португалското претседателство дека почетокот на преговорите со Република Северна Македонија се меѓу приоритетите и дека Португалија ќе направи сѐ за првата меѓувладина конференција со Северна Македонија да се одржи во првата половина на 2021 година.

Покрај темата за спорот со Бугарија, на состанокот премиерот Заев ги споделил и очекувањата од сеопфатниот Економски и инвестициски план за Западен Балкан на Европската Комисија, кој ќе мобилизира финансирање до 9 милијарди евра за инвестиции во областите на транспорт, енергија, зелена и дигитална транзиција, за да создаде одржлив раст и работни места, поттикнувајќи го економскиот развој на земјата во постковид периодот што следува.

Тој изразил благодарност за поддршката на Брисел за вклучување на земјите од Западен Балкан во набавката на вакцини против КОВИД-19, но и изразил очекување дека ќе има забрзување на оваа постапка во знак на континуитетот и солидарноста во справувањето со пандемијата.

„Едногласната поддршка на амбасадорите на земјите членки на ЕУ за јасната перспектива на Северна Македонија како членка на ЕУ на состанокот е најсилната мотивација за нашите реформи за да ги донесеме европските вредности дома“, заклучил премиерот Заев.

- Реклама -