Заев: Ме плаши порастот на евроскептицизмот и ваквите одлуки на ЕУ кои тоа го овозможуваат

„Трети сили се обидуваат да вршат и вршат влијание, но прашањето е колку тоа ние ќе го дозволиме“, изјави премиерот Зоран Заев во „Топ тема“ на ТВ „Телма“, прашан дали смета дека трета сила може успешно да го искористи периодот на неизвесност во евроинтеграциите.

„Мене ме плаши порастот на евроскептицизмот, како и одлуките на ЕУ кои тоа го овозможуваат. Чуму ни се извештаите за напредок, ако после 16 години не добиваме никаков напредок. Не ги омаловажувам извештаите, многу ни се значајни, но вака ја губат смислата“, рече Заев.

Премиерот истакна дека ќе остане резервиран во однос на надежите за напредокот.

„На 6 октомври има самит за време на словенечкото претседателство. Треба да имаме надеж дека ќе се реши проблемот, но до тоа би дошло само другата страна не бара изговори“, рече тој.

Откривајќи ги деталите од португалскиот предлог, тој рече дека земјава имала обврска да ѝ понуди патоказ на Бугарија, а во него биле опфатени сите области: образование, спорт, здравство, култура, со конкретни рокови.

„Таму повторивме дека немаме територијални претензии. За нив не беше проблем ‘Република Македонија’, но ‘Република Северна Македонија’ сега е“, посочи Заев.

- Реклама -