Не се воведени бесплатни тестови за влез во угостителските објекти и во шопинг центрите за оние граѓани кои од медицински причини во моментот не можат да се вакцинираат затоа што тоа би можело да предизвика гужви на пунктовите за тестирање и со тоа да се создаде атмосфера на ширење на вирусот, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
Одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата во Владата, Заев рече дека се разгледувала оцијата за бесплатни ПЦР тестови за влез во угостителските објекти и на организирани настани, но оти тоа не е прифатено.
„Имаше дискусија за бесплатен ПЦР тест, дури и дискусија за платен тест или слично пред кафулињата, големите културни настани, одредени други помасовни организациски настани. Причината беше заради тоа што тогаш ќе предизвикаме масовно упатување на луѓето кај пунктовите каде што се прават бесплатните тестови и тоа може да биде атмосфера на ширење на самата зараза. Токму од тие причини, не се даде таа сугестија“, рече Заев.