Заев: Ние имаме и Блгари коишто ни живеат во државата, тие се наши граждани

Додека траат разговорите не може сѐ да се сподели во јавноста, а тоа остава простор за одредени впечатоци кои не се така добри, за двете земји. Ова, како што истакна Заев во интервјуто за бугарската БГНЕС, е една од главните причини што во Македонија се водело кампања дека Бугарија не го признава нашиот јазик и идентитет, а која ги труе односите меѓу двете држави и двата народа. Барем вака гласеше констатацијата на новинарот кој прашањето го постави во контекст на изјавите на Заев дека е факт дека Бугарија ја признава реалноста на македонскиот јазик и идентитет, а која премиерот не ја оспори:

„Бугарија многу често го има истакнато фактот дека таа ја признава реалноста за постоењето на Македонците и македонскиот јазик. Притоа се бара да се утврди делот на историјата, историските работи коишто се важни. Многу се важни заради тоа што историјата, јасно утврдена пред сѐ од историчарите, може да биде убав мост на пријателство и на соработка. И додека трае целиот овој процес, јас се надевам дека ќе заврши успешно и тоа што порано, за да може да се отвори до крајот сѐ и да се види дека Бугарија е голем пријател на Македонија. Одсекојпат била и сега е“, рече Заев.

„Секако, минатото оставило многу неправди и овде во Македонија, во времето на бивша Југославија, во времето на комунизмот. Многу неправди се претрпени за многу граѓани, меѓу кои и Бугари и слично. Целото тоа влијаело на македонската нација, но од 2017 година, мораме да признаеме сите, дека отворивме многу убава перспектива“, додаде Заев. За жал, посочи тој, на таа перспектива веќе една година влијае и корона-кризата, но претходно и изборите и други случувања:

Прочитајте и:  Муртезани: Уставни измени ќе има кога ќе се знае крајот на процесот

„Така да, имаме многу што да сработиме нанапред, и јас верувам дека само пораките на пријателство носат бенефит за граѓаните од двете страни на границата“.

На повторената констатација на новинарот дека Бугарија не го негира постоењето на македонскиот идентетитет и јазик, односно дека таквите обвинувања од македонска страна и македонската јавност се неосновани, премиерот Заев, со мешавина од македонски, струмички дијалект и бугарски, одговори:

„Бугарија е прва земја што ни ја признаја сувереноста и државата. Признавајќи ја  сувереноста и државата, дефинитивно ни го признава и нашето право на самоопределение. И тука во такви делови нема дилема дека реалноста дека сме Македонци и говореме македонски јазик е факт. На крајот, тоа е чувство, тоа е право. Секој може да се определи како сака, како се чувствува и слично. Вие знаете дека кај нас имаме многу националности – покрај Македонците, Албанците, Турците, Власите, Бошњаците, Ромите, имаме и Блгари коишто ни живеат во државата. Тие се наши граждани коишто се многу убав мост на соработка меѓу двете земји, и верувам дека во иднина она коешто треба да го разјасниме доминантно оној историски момент, но низ призмата на пријателството“.

- Реклама -