Премиерот и претседател на СДСМ – Зоран Заев, немал директен контакт со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски надвор од протоколите, но сепак ќе се тестира, вели тој за „ТВ21“ откако доцна синоќа Спасовски објави дека е позитивен на Ковид-19.
Спасовски беше еден од присутните на конгресот на СДСМ во неделата. Сепак, Заев инсистира дека се одржувала препорачаната дистанца без исклучок и секогаш носеле маска согласно здравствените протоколи, со исклучок на тој што зборува.
„Сепак, тест секако ќе направам, затоа што така е паметно и одговорно“, додаде Заев.
Спасовски, пак, тврди дека добил позитивен тест и покрај тоа што строго ги почитувал мерките за негова лична и за заштита на луѓето околу него од самиот почеток на пандемијата.
„Клиничката слика ми е добра, со благи симптоми и веќе сум во домашна самоизолација. Чувајте се“, додаде тој на Фејсбук.