Заев: Немало предупредување од странски дипломат за личните карти, БЕСА се консултирала со грчкиот амбасадор

Ниту власта/СДСМ, ниту БЕСА, не добиле никаква замерка од било кој странски дипломат околу вметнувањето на етничката припадност во личните карти, почнувајќи уште од времето кога тоа било ветено, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање, со оглед дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски тврди дека Заев се обидува да го избегне она што го договорил со БЕСА токму поради сериозното предупредување од дипломат од наша соседна држава.

„Немам јас такво предупредување, ниту било каков разговор за било каков аларм или предупредување дека некој би реагирал. Нормално, политичката партија БЕСА имаше состанок со амбасадорот во Грција, добија информација повратно, ние во нашите дипломатски патишта тоа сме го провериле уште во времето кога беше тоа ветено; тоа беше во 2019-та, ако не се лажам, почетокот на годината, кога се гласаа уставните измени согласно Преспанскиот договор. Така да, нема никакво предупредување затоа што се работи за идентитетски прашања, како на Македонците, така и на Албанците, Турците, Ромите, Власите, Бошњаците и сите во државата“, рече Заев.

Мицкоски, пак, вчера во интервју за Македонското радио, тврди дека коалицијата СДСМ/БЕСА е на стаклени нозе токму поради ова прашање. Според него, Заев бил предупреден дека впишување на етничка припадност „Македонци“ во личните карти би претставувало прекршување на Преспанскиот договор:

„Сѐ погласно се шпекулира во политичките кругови дека станува збор за политички договор помеѓу СДСМ и БЕСА пред изборите кој што бил потпишан од двајцата лидери и сега веднаш откако се формира новата влада и откако Зоран Заев на мафијашки начин ги украде изборите, се доаѓа до моментот кога сето тоа што било договорено помеѓу СДСМ и БЕСА треба да се испорача. Тогаш Зоран Заев се консултирал со еден странски дипломат и добива укор од истиот дека ако ова влезе – да ние како нација се заведеме како Македонци со сета своја посебност како македонски народ, тогаш тоа би значело прекршување на Преспанскиот договор. Тогаш Зоран Заев на неговиот коалиционен партнер му вели дека тој не може ова да го поддржи и тогаш настануваат сите проблеми внатре во коалицијата, доаѓа договорот во рамки на парламентарната дебата и сега моментално е на собраниска комисија. Зоран Заев е избезумен и не знае како да реагира, затоа што можно е многу скоро да му се распадне коалицијата со таа политичка партија. И веднаш го активираа страничниот играч во рамките на парламентот – којшто практично треба да одработи за ресурсите и поддршката којашто ја доби пред изборите за да ѝ нанесе штета на ВМРО-ДПМНЕ – за да блокира да јас во мојата лична карта стојам како Македонец, да стои мојата националност како дел од македонскиот народ“, изјави Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Етнички теми отвораат политичари кои немаат идеи

Ако навистина досега немало предупредување, тоа денеска се промени. Истото, макар што на друга основа, дојде од евроамбасадорот Гир, кој одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека наведување на етничка припадност во лична карта, како и наведување на раса, политичка или верска припадност, се коси со регулативите на ЕУ.

 

- Реклама -