Заев на дуелот со Мицкоски: Гоце Делчев е Македонец, македонскиот јазик постоел низ вековите наназад

Прашањето за надворешните политики дополнително ја разжешти „жестоката, но доволно културна“ дебата, како што самиот водител ја оцени, меѓу конкурентите за премиерската позиција во државата – Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

Според Мицкоски, се наоѓаме во катастрофична ситуација кога преговараме за нашиот јазик и за јунаците од нашата историја со нашиот источен сосед. Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ не може никако да ги прифати овие две нешта што се случуваат. Притоа, тој побара Заев јавно да каже зошто ја одбил Декларацијата што лидерот на опозицијата ја предложил со цел да се бетонираат националните црвени линии и овие прашања повеќе да не бидат предмет на партиски ставови на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ или ДУИ, туку позиции на државата. Тој побара и Заев јавно да каже дали теоретски некогаш би се согласил да прифати дека Гоце Делчев не е Македонец и дали би се согласил дека, како што рече Мицкоски, нашиот македонски мајчин јазик не е македонски, туку е само „наш мајчин јазик“.

Заев одговори дека овие прашања се само политичко раскусурување на опозицијата и порача дека македонскиот јазик и македонскиот народ се признаени од целиот свет:

„Бугарија преку првиот свој претставник – премиерот Борисов, зборува отворено за македонски народ, за македонски јазик, потпишан е Договорот на македонско кирилично писмо. И грчкиот премиер го спореше идентитетот, а сега зборува за Северна Македонија во која живеат Македонци и зборуваат македонски јазик. Тоа е завршена работа, како што е завршена работа членството во НАТО и одлуката за почеток на преговорите“, рече Заев.

Тој побара Мицкоски да не обиколува и конкретно да каже дали ќе го поништи Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија, и дали со тоа ќе ги поништува и аспирациите за НАТО и Европската унија.

„Толку е едноставно ова и целиот народ го разбира: Ќе имаме нови кавги со соседите со поништување на договорите или ќе продолжиме да одиме напред по правиот пат“, додаде тој.

Мицкоски му врати дека целиот народ ги знае неговите манипулации и капитулации и на што сѐ е подготвен, „колнејќи се во жицата“, на што Заев дофрли дека „Македонската жица е загарантирана комплетно“.

Мицкоски го обвини дека Договорот со Бугарија е потпишан на „јазик според Уставот“, а Заев реагираше дека тоа е лага.

„Јас лично, моите баба, прабаба, прадедо итн. се Македонци и пред 45-тата година и говореле македонски јазик и пред 45-тата година“, рече Мицкоски, на што Заев дофрли: „И моите исто“. „Е па договорот што го потпишавте“, продолжи Мицкоски, „е според Уставот, и овие луѓе што сега ги споменувате, тие го третираат македонскиот јазик дека е од ’45-та наваму. Дека вие, господине Заев, заедно со мене, како Македонци, сме дело на Коминтерната и дека претходно не сме постоеле. Дека сме топоним, дека сме одродени Бугари“, рече Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски за барањето на Ахмети: Косово да интервенира кај уставните судии кои ДУИ и СДСМ ги избраа? Шокантно

Заев одговори дека не е точно и дека соседите направиле признавање на македонскиот народ и македонскиот јазик, како Бугарија и Грција, така и целиот свет. На тоа реагираше Мицкоски и го праша Заев да каже што бил Гоце Делчев и Даме Груев:

„Македонец! Македонец којшто се борел за слобода и човекови права“ -рече Заев.

Мицкоски, задоволен од одговорот, го пофали дека му се допаѓа тоа што го чул и што Заев за првпат признава дека Гоце бил Македонец.

„Ај мајката, што зборите вие у штабот, изгледа правите имагинарни слики“ – реагираше Заев, по што доби нов предизвик, да каже дали македонскиот јазик постоел и пред ’45 година:

„Постоел, и низ вековите наназад“ – рече Заев.

„Ете тоа! Па кажете го, да слушнеме, не се срамете!“ – врати Мицкоски.

„Но, кодифициран е првпат во ’45-тата година во Обединетите нации“, додаде Заев, по што влегоа во ново несогласување со Мицкоски, кој тврдеше дека всушност тоа е направено на Атинската конференција во ’77 година.

По констатацијата на новинарот Чадиковски дека многу пожестока е дебатата околу Договорот со Бугарија отколку за Препанскиот договор, прашан дали во договорот има пропусти кои можат различно да се толкуваат и зошто тоа го прави Бугарија, Заев категорично негираше:

„Апсолутно не, има две страни кои се обидуваат низ разговори да ги решаваат историските прашања за да ја осигураат иднината на доброто пријателство, добрососедство и соработка. Тоа е договорот. Европа денес договара и разговара за проблемите, а не обвинува некој друг дека  сѐ нешто му прават, дека некој друг е  виновен. Низ разговори докажавме дека наоѓаме решенија на прашањата. Договорот за добрососедство има за цел да нѐ зближува и да нѐ прави пријатели. И на следните историски поглавја што ги разговараме ќе се зближиме, ќе станеме пријатели уште повеќе со бугарскиот народ и бугарската држава. Зашто тоа е целта на договорот“, рече Заев, на што Мицкоски реагираше дека тоа е политичка реторика и дека никој не спори дека треба да се развива пријателство.

- Реклама -