Заев: На денешен ден го кренавме знамето на НАТО, Северна Македонија стана фактор за стабилност во регионот

Со неколку фотографии од моментот кога пред една година на јарболот пред Собранието беше свечено развеано знамето на НАТО, премиерот Зоран Заев денеска потсети дека на денешен ден беше ратификуван Договорот за пристапување на Северна Македонија во Алијансата. Пратеничкиот состав во мандатот 2016-2020 ја имаше таа чест тоа да го стори во името на сите нивни претходници и во името на сите граѓани, напиша премиерот.

„Како дел од моќното НАТО семејство, како неизоставен дел од безбедносниот штит на најмоќниот воен сојуз во светот, Северна Македонија стана фактор за стабилност во регионот, извозник на безбедност и земја во која граѓаните и децата имаат сигурна иднина. Сите ние, заедно, со поглед напред ја обезбедивме македонската иднина“, оценува Заев.

„Демократското мнозинство постигна пресврт. За неполни две години после 27 април 2017 година, кога во истото Собрание застапниците на мракот и на политичкото насилие, оние кои сакаа моќ за своја лична корист, со насилство се обидоа да ги запрат демократските и прогресивните политички сили, поддржани од огромното мнозинство граѓани.

Со поразот на тие политички структури, креатори на ‘заробената’ држава, излеговме од длабоката политичка криза и државата ја вративме на патот по кој чекорат сите развиени демократски држави. Со тоа се афирмираше мнозинската волја на граѓаните, застанати зад идејата за едно современо општество, за граѓанска, демократска република, земја на можности за сите свои граѓани. #НиеСмеНАТО“, додава премиерот.

- Реклама -