Заев: И коренот е наше право на самоопределување и овде нема отстапка, тоа треба да го разберат сите

Многу често бугарската страна вели дека ја прифаќа реалноста дека сме Македонци што зборуваат македонски јазик, но бара „дајте да утврдиме минатото“. Во едни такви разговори, минатото е навистина работа на историските комисии, вели премиерот Зоран Заев во интервјуто на „Канал 77“. Меѓутоа, како ретко досега, тој додаде и дека и минатото, поточно коренот, е дел од правото на самоопределување.

„Тоа што треба да го знаат нашите граѓани е дека секогаш, ама баш секогаш во овие три претходни години, сме се воделе од она што претставува наш дигнитет и достоинство и за коешто не треба и не смее никој да преговара. Тоа е нашиот македонски јазик и идентитет. Ако нашиот македонски јазик и нашиот македонски идентитет е признаен како реалност и се спори минатото – минатото е исто така мое право на самоопределување. Тоа е мое идентитетско прашање, и овде нема отстапка. Тоа треба да го разберат сите. Значи кога и да се отвори, сега или од идни генерации после 100 години, тоа е филинг, тоа е чувство. Ние можеме да живееме во Македонија и да бидеме Пакистанец, може да бидеме, не знам – Етиопиец, може да бидеме Германец. Можеме било што, тоа е филинг, чувство. Ние сме Македонци и сакаме тоа да ни се почитува. Корењата исто така се наше право на самоопределување. А историјата нека ги каже сите детали внатре“, истакна попат премиерот Заев, зборувајќи за обвинувањата од Бугарија дека македонската страна не го исполнува Преспанскиот договор, конкретно во делот на поврзаноста, односно Коридорот 8.

„И притоа, имаме одлични решенија за коишто сме разговарале за историски прашања од политичка прагма“, додаде тој во контекст на минатото што го спори Бугарија.

- Реклама -