Премиерот и лидер на СДСМ – Зоран Заев, доцна синоќа изјави дека на синоќашните седници на Извршниот и Централниот одбор на партијата не се дискутирало ниту се одлучувало за неговите оставки на челните позиции во партијата и Владата, додавајќи дека останува „да помогне за да се стабилизира парламентарното мнозинство и по можност да се зголеми“.
„Слободата е убава работа. Денеска имаме одлука на Централниот одбор за одложување на оставките. Ниту моите оставки се дискутираат, ниту се одлучува по нив. Кога ги најавив на 31-ви вечерта, потврдив дека останувам да се задржи мнозинството и ако може да се зголеми. Очекувам демократското мнозинство да се стабилизира, особено она мнозинство кое е за ЕУ, за мултиетничко општество. Деновите се пред нас, секако тоа ќе го дознаеме сите“, рече Заев по седниците на највисоките органи на СДСМ.
Извршниот и Централниот одбор на СДСМ синоќа едногласно донесоа одлука премиерот и лидер на партијата Зоран Заев да ги одложи оставките се додека не се нормализираат процесите во државата. Заев оставките ги најави вечерта по одржувањето на локалните избори.
МИА