Заев – Јанев: Заедно сме и во добро и во лошо

„Заедно сме и во добро и во лошо, ние сме први соседи, за мене братски народи и секојпат треба да се најдеме и помагаме. Оваа трагедија позитивно ќе се одрази на односите меѓу двете земји, затоа што си помагаме, институциите работат заедно. Ова е пораката на народите од двете страни – тука сме да си помогнеме кога е тешко и да ја споделиме радоста кога е добро“, изјави денеска премиерот Зоран Заев, на заедничката прес-конференција со привремениот бугарски премиер Стефан Јанев.

На почетокот, Заев изрази сочувство за загубата на двете земји, посочувајќи дека Бугарија вчера попладнето загуби девет животи во пожар во старечкиот дом, а Северна Македонија изгуби 46 животи, пред сѐ млади луѓе во страшната автобуска несреќа.

За несреќата, Заев рече дека бил информиран директно од Стефан Јанев, а разговарал и со претседателот Румен Радев, по што заедно со министрите Бујар Османи и Венко Филипче веднаш заминале за Софија.

„Соработката е на високо ниво. Довербата во институциите едни со други е голема и така најдобро ќе им служиме на граѓаните кога ќе ги дадеме сите неопходни информации за несреќата и како се случила. За причините не би коментирал, затоа што треба експертите да ги кажат сите детали, зашто само така е исправно“, изјави Заев.

Прочитајте и:  Средба Сиљановска Давкова - Радев во Баку: Билатералните спорови да се решаваат во рамки на принципите и вредностите на ЕУ

Тој, исто така, нагласи дека ги посетил седумтемина наши сограѓани во болницата во Софија, посочувајќи дека сите се во добра состојба.

Бугарскиот премиер Стефан Јанев посочи дека трагедиите се вообичаени и трагедиите се она што нè допира и прави луѓе и сочувствителни, без разлика од која националност се луѓето кои повеќе не се со нас.

„Денес е посебен ден, ден кој бугарскиот народ го одбележа со две сериозни трагедии. Ден одбележан со две тешки трагедии – синоќешниот инцидент во село Ројак, каде загинаа девет бугарски државјани. Трагедијата сѐ уште се истражува. Истражните органи мора да си ја завршат работата. Неколку часа подоцна, нова трагедија го одбележа денешниот ден“, рече Јанев.

Во врска со автобуската несреќа, Јанев истакна дека бугарските и властите на Северна Македонија работат во координација, нагласувајќи дека „од истрагата се надеваме дека ќе ги научиме овие лекции кои ќе не штитат од вакви инциденти во иднина“.

МИА

- Реклама -