„Извршната наредба на Претседателот Бајден ги штити САД, Северна Македонија и сојузниците од нарушувања на мирот и стабилноста, од корупција и од загрозување на демократијата“, порачува премиерот Зоран Заев по средбата со американската амбасадорка Кејт Мери Брнз.
„На средбата констатиравме дека клучните полиња поради чие загрозување може да настапи санкцијата предвидена со Извршната наредба, може да се однесуваат на лица кои ги загрозуваат: мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет, како и оние кои вршат корупција или ги загрозуваат човековите права и демократијата“, истакна Заев.
Како што посочи премиерот, тој и амбасадорката на САД изразиле заедничко задоволство што во актот на претседателот Бајден фокусот е ставен и на борбата против корупцијата, што е, вели Заев, клучен приоритет и на Владата на Република Северна Македонија.
„Како особено важно нотирав и тоа што на листата на меѓународни договори кои се значајни за регионот, во Извршната наредба е наведен и Договорот од Преспа, како еден од гарантите за безбедноста и стабилноста во регионот“, додава премиерот.