Заев: Имаме заедничка, но и различна историја со Бугарија, Македонци сме со векови

„На 31 декември 1943 година Македонците не си легнаа како Бугари и се разбудија на 1 јануари 1944 година како Македонци. Тие се Македонци со векови, се чувствувале и се чувствуваат како Македонци. Ние сме биле, сме и ќе бидеме Македонци“, изјави денеска премиерот Зоран Заев, прашан за коментар на изјавата на бугарскиот министер за одбрана и вицепремиер – Красимир Каракачанов, според кого „секој нормален што прочитал барем пет страници историја“ знае дека немало македонски идентитет пред ’44-та година.

Заев му посочи на Каркачанов, повторно нарекувајќи го „пријател“, дека таквите изјави, „колку и да се податливи во Бугарија“ – од оваа страна на границата повредуваат. Тој потсети дека Бугарија прва ја признала нашата сувереност и побара од Бугарите, ако се Европејци, да го почитуваат нашето право на самоопределување. Според него, тоа право го вклучува фактот дека сме Македонци и зборуваме македонски јазик, но и правото на определба за нашите корени.

Прочитајте и:  Николоски: Бугарија работи на алтернатива на Коридорот 10 што ќе ја заобиколи Македонија и ќе ја направи слепо црево на Балканот

Заев додаде и дека точно е дека имаме заедничка историја со Бугарија, но исто така и дека имаме и различна:

„Ние ги знаеме нашите врски со словенската историја, со кириличното писмо, со глаголицата, го знаеме растот и развојот на македонскиот јазик и тоа навистина на ниту еден начин не го става под прашање бугарскиот јазик и бугарскиот идентитет. Точно е дека имаме заедничка историја. Тоа сме го прифатиле. Точно е и тоа дека имаме засебна, посебна историја во двете земји. Да бидеме паметни заедничката историја да ја гледаме како нешто што нѐ поврзува и што нѐ прави поголеми пријатели, што ни овозможува поголема соработка, наместо нешто што нѐ дели“, порача премиерот.

- Реклама -