Заев: Христовото раѓање потсетува на одговорноста да се стои искрено и храбро на страната на вистината и правдата

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија – Зоран Заев, во свое и во името на СДСМ, во чест на големите христијански празници Бадник и Рождеството Христово Божик, упати честитка до г.г. Стефан, архиепископот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, до претставниците на Синодот на МПЦ – ОА и до сите луѓе во нашата држава, кои ги чествуваат овие празнични денови.

„Раѓањето Христово, што со векови симболично го одбележуваме секоја нова година, е силна порака дека секој од нас лично, како верник, како човек, како дел од општеството, ја има можноста да го послуша гласот на совеста, да се надрасне себеси и уште поопределено и понасочено да дејствува кон доброто, за себе, за децата и родителите, за семејството, но и за доброто на заедницата и на државата во коишто живее, работи, твори, учи, дејствува.

Прочитајте и:  Филипче по средбата со Сиљановска Давкова: Искрено посакувам ова да биде еден политички дијалог кој ќе стане пракса

Христовото раѓање потсетува на одговорноста пред којашто е исправен секој совесен човек, да стои искрено и храбро на страната на вистината и правдата, да ги негува и практикува вредностите на солидарност, на подадена рака едни кон други, на меѓусебна почит, разбирање, мудрост, трпение, љубов.

Затоа, овие празнични денови, меѓу најблиските и саканите, секој нека го почувствува огнот на светлината и топлината, што водат кон мир и радост.

Низ сплотеност и хармонија, како што упатуваат христијанските вредности, кои се и универзални вредности, да продолжиме уште пофокусирано по патот по којшто придонесуваме кон достоинствено општество на спокојни и среќни луѓе.

Христос се роди! Среќни празнични денови на сите“, стои во честитката од претседателот на СДСМ, Зоран Заев, до поглаварот на МПЦ – ОА, г.г. Стефан.

- Реклама -