Премиерот Зоран Заев, денеска, на Меѓународниот аеродром Скопје, ја испрати македонската фудбалска репрезентација за Букурешт, Романија, каде ќе се одиграат првите два натпревари од Европското првенство во фудбал.
На фудбалерите и стручниот тим Заев им посака успешен настап на ЕП и многу среќа, добра тимска игра и фер плеј, како и да продолжат со успесите со кои, како што рече, веќе испишуваат нови страници во историјата на македонскиот фудбал, со самиот пласман на ЕП.
Со упорна работа и храбро срце на терен можеш да бидеш дел од најголемите европски тимови, а нашиот национален тим го покажа тоа, истакна притоа премиерот.
„Сакам уште еднаш да ви се заблагодарам и да ви оддадам почит од сè срце, за тоа што нè израдувавте и нè правите горди Македонци! Сакам да ви посакам успех, добро здравје и одлична тимска игра! Секако ќе се радуваме на сите ваши, било какви резултати! Сакам посебно да истакнам дека вашето вложување на теренот, умешноста, храброто срце на терените, нас гледачите нè прават посебно горди и сите ние заедно испраќаме пораки на поврзаност и заедништво“, им посочи Заев.
Тој подвлече дека со нивната тимска игра, почитувањето и односот кон државата и припадноста, македонските репрезентативци пренесуваат огромна порака дека победата е можна само со заедништво, почит и единство.
„Вие, почитувани наши национални претставници, членови на македонската репрезентација, вие уште сега сте нашите победници! Вие сте нашата гордост! Нека победи фудбалската игра и спортскиот дух“, ги испрати Заев.