„За Заев и СДСМ нема подобар спаринг партнер од Мицкоски, за со сигурност да си го газат на избори“

Мицкоски е само лош глумец, а неговиот предлог за вонреден Конгрес е само театар, реагираат од Иницијативниот одбор кој се залага за промени во ВМРО-ДПМНЕ, откако лидерот на партијата соопшти дека Централниот комитет едногласно одбил конгрес на кој тој нема да се кандидира.

Според нив, суетата на Мицкоски ја турка партијата во пропаст. Доколку тој имал искрена намера, велат, ќе ја искористел можноста што му ја дава Статутот и ќе поднел оставка, по што би се свикал конгресот. Сѐ друго е театар и злоупотреба на Централниот комитет, кој е со истечен мандат, се вели во реакцијата.

„Сѐ уште актуелниот Престедател на ВМРО-ДПМНЕ нема ниту кредибилитет, ниту легитимитет да именува или разрешува партиски органи“, додаваат од Иницијативниот одбор, откако вечерва ЦК, на предлог на Мицкоски, избра и нов состав на Извршниот комитет.

„Единствено чесно од негова страна би било извинување до членството за претрпените порази, преземање на одговорност, оставка и закажување на вонреден Конгрес.

Само така (Мицкоски) ќе си го одржи зборот и ќе го сочува образот, и впрочем, самиот тој јавно вети дека ќе се повлече доколку не победи и не успее да формира влада“, се вели во соопштението.

Според оценката на Иницијативниот одбор, Мицкоски нема капацитет да обединува:

„Мицкоски загуби и немаше капацитет да формираше влада. Поразот на избори е највеќе заради тоа што нема капацитет да обединува. Ни граѓаните, ни партиските членови во него не гледаат лидер.

Прочитајте и:  СДСМ: Новата сила и енергијата на Конгресот ја вознемири ДПМНЕ

Парите наменети за изборно рекламирање ги трошеше по сомнителни портали, а на вмровските листи вметнуваше ликови како Сафет Бишевац кои до вчера го навредуваа и омаловажуваа членството.

Мицкоски е изолиран. Нема поддршка ни од домашната, ни од меѓународната јавност“.

Како што се вели во реакцијата, Мицкоски да остане на чело на ВМРО-ДПМНЕ му одговара само на Зоран Заев:

„СДСМ никогаш нема да најде подобар спаринг партнер кој со сигурност ќе си го гази на избори. Тајмингот и начинот на кој што го предлага новиот извршен комитет покажува само дека Мицкоски не го почитува конгресот и делегатите кои го избрале. Наместо да побара поддршка на вонреден конгрес и потоа со легитимитет да ја води партијата, доколку добие доберба, Мицкоски одлучува да се коцка со ВМРО-ДПМНЕ и да предлага нови структури кои во суштина не нудат ништо ново“, се вели во соопштението.

На ова одговорија од ВМРО-ДПМНЕ:

„Новите одлуки на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ единствено не им се допаѓаат на Заев и хотелската коалиција која одработува за него.

Не ни очекуваме да ги поздрават одлуките, затоа што тие се насочени кон победа над мафијата и организираниот криминал на власта.

За разлика од Заев кој не најде сила за никакви промени по драматичниот пораз од 200 илјади гласови разлика во 2014 година и поразот во 2016 година, ВМРО-ДПМНЕ покажа сила за катарза и промени“, велат од партијата.

- Реклама -