За Бугарија е неприфатливо нивните услови да се наведени во декларацијата на ЕУ која не е обврзувачка, наместо во самата преговарачка рамка

Бугарија денес ја извести Европската комисија дека не може да ја прифати актуелната предложена преговарачка рамка за Република Северна Македонија и нацрт-декларацијата заедно со истата, бидејќи таа не ги дава потребните гаранции за исполнување на поставените услови, информирале денеска од бугарското МНР за агенцијата БГНЕС.

„За Бугарија е неприфатлива варијантата нашите услови кон Република Северна Македонија да бидат поставени во декларацијата на Советот на ЕУ, во состав на преговарачката рамка. Декларацијата на Советот не е правно-обврзувачки инструмент и не ги дава правните гаранции што ги бара Бугарија. Такви гаранции би имале ако нашите барања беа одразени во текстот на Преговарачката рамка, за што и настојуваме“, категорични се од бугарското МНР.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Во соопштението до бугарската јавност, министерството воедно искажа и благодарност до германското претседателство на Советот на ЕУ и до комесарот за проширување – Оливер Вархеји, за конструктивниот пристап и секојдневната заедничка работа во потрага по решение, кое, како што велат оттаму, сѐ уште не е исклучено да биде постигнато, и покрај кратките рокови“.

Во меѓувреме, како што пренесува МИА, Министерскиот совет на кој требаше да се усвои преговарачката рамка денеска беше одложен и наместо на 10-ти, ќе се одржи на 17 ноември. Тоа, констатира дописничката на МИА од Брисел, им остава десет дена на Скопје, Софија и нивните медијатори да ги приближат позициите и да постигнат заеднички прифатлив договор.

- Реклама -