Вучиќ: Задоволен сум од реакцијата на Рама и албанското општество за палењето на српското знаме во Тирана

Белград, 25 декември 2021 (МИА) – Претседателот на Србија Александар Вучиќ синоќа во интервју за ТВ Прва изјави дека Отворен Балкан е „најголемиот мировен проект што Балканот сам го направил“ и оцени дека иницијативата, чиј дел се Србија, Албанија и Северна Македонија, „може да биде машина за раст и развој на цела Европа“.

„Не ги разбирам оние кои не сакаат да влезат на Отворен Балкан (Косово, Црна Гора и БиХ), тоа не е ниту голема Србија ниту голема Албанија, тоа е само наша заедничка работа и борба да имаме право на иднина по наша желба“.

Во интервјуто нагласи дека неговата одлука да не се кандидира за претседател на партијата е дефинитивна и дека за таа функција има четири или пет кандидати.

Вучиќ изјави дека е задоволен од реакцијата на албанскиот премиер Еди Рама и од добар дел од албанското општество за палењето на српското знаме во Тирана.

„И овде ги симнаа и запалија знамињата на Албанија кога дојде Рама, се разбира дека е лошо, ужас, нецивилизирано е да се палат туѓи знамиња, но јас сум задоволен од реакцијата на Рама и добар дел на албанското општеството, како и поради реакциите на добар дел од српското општество“. Тој додаде дека Србија има добри и пријателски односи со Албанија и дека Рама е под голем притисок поради тоа, меѓу останатото и од Приштина.

Прочитајте и:  Вучиќ: Се надевам на воспоставување брза пруга меѓу четирите земји Унгарија, Србија, Македонија и Грција

Вучиќ нагласи дека Белград ќе се спротивстави на евентуалното воведување санкции против политичарите од Република Српска, наведувајќи дека тоа не е начин да се решаваат проблемите во Босна и Херцеговина.

„Загрижен сум за сѐ што се случува во БиХ. Се подразбира дека ќе се спротивставиме на санкциите, тие ништо не решаваат. Против секој што воведува санкции во БиХ, ние не би го поддржале, а секако нема да го поддржиме ако и ги наметнуваат на Република Српска“, изјави Вучиќ за ТВ Прва и отфрли шпекулации дека врши некаков притисок врз српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик.

Вучиќ изјави дека е загрижен поради новиот сој на коронавирусот и бидејќи здравствениот систем на Србија нема да може да издржи толку многу хоспитализации како во некои земји низ светот.

Тој потврди дека компанијата за Рио Тинто престанува со проектот Јадар, бидејќи таква одлука донела државата. Вучиќ за ТВ Прва изјави дека компанијата мора да го прекине проектот доколку државата така одлучи.

- Реклама -