Втората генерација Audi Q7 и официјално

Audi понуди фотографии и информации за целосно новата генерација Q7, чија премиера пред публиката ќе се одржи во јануари 2015 година. Втората генерација на моделот се одликува со нов дизајн, технологии, помала тежина, подобрена аеродинамика и целосно нов хибрид plug-in погон.

Новиот Q7 е најлесниот автомобил во својата класа, тврдат производителите, посочуваат дека верзијата 3.0 TDI тежи точно 1.995 килограми, или за 325 килограми. помалку од претходникот. Ова е постигнато преку широка употреба на висококвалитетен челик и алуминиум во платформата, како и целосно од алуминиум изработени хауба, вратите и крилата. Кај втората генерација на моделот е подобрена и аеродинамиката – коефициентот на  воздушен отпор е сведен до 0.32. Освен тоа вкупната должина е редуцирана за 37 mm, а широчината е намалена со 15 mm. Во исто време, зголемена е и внатрешноста, сега располага со дополнителни 21 mm помеѓу предните и задните седишта, како и со поголем простор за главите на патниците – 41 mm напред и 21 mm одзади.

Кога станува збор за кабината, таа е целосно нова, во стилот на моделот TT и располага со последната генерација на инфо-забавниот систем MMI, благодарение на кој голем дел од копчињата се елиминирани. Целосно нов е изгледот на инструменталната табла, а елементите се целосно дигитални. Достапни се Google Android Auto и Apple CarPlay, како и аудиосистемот Bose или Bang&Olufsen.

Дизајнот на екстерирот е еволутивен и се базира на строги форми, благодарение кои моделот веќе не изгледа толку гломазен, туку подинамичен и поелегантен. Теренецот може да се нарача со новите матрични LED фарови, како и со ксенон. LED технологијата е искористена и за дневните светла, „штопот“ и трепкачите на повисоките верзии.

Палетата на мотори вклучува широк избор на бензински и дизел предлози. Во неа присуствува и целосно нов хибрид plug-in погон. Хибридниот модел го носи името Audi Q7 e-tron, а е комбинација од 3.0 TDI мотор со 258 КЅ и електромотор со 128 КЅ, кој е интегриран во 8-степениот автоматски менувач. Вкупната моќност на моделот, кој располага со quattro погон, изнесува 373 КЅ, а вртежниот момент достигнува 700 Nm. Првиот plug-in дизел хибрид на Audi има просечна потрошувачка на гориво од само 1,7 l/100 km, велат од компанијата. Штетните емисии на CO2 се 50 g/km, а автономијата само на електрична енергија достигнува 50 килиметри. Батериите се полнат во движење, како и од електричната мрежа.

Палетата на мотори  ги вклучува уште познатиот 3.0 TDI со 218 КЅ и 500 Nm, а најмоќната верзија на овој агрегат нуди 272 КЅ и 600 Nm. И двете модификации се до 26% поекономични. Бензинските модели се опремени со мотор 3.0 TFSI (333 КЅ и 440 Nm), а новина во палетата е aгрегатот 2.0 TFSI, кој ќе биде достапен за пазарите на САД и Азија.

Пазарната премиера на втората генерација Audi Q7 е закажана за пролетта на 2015 година, а првите испораки на клиентите ќе бидат реализирани во почетокот на летото.

- Реклама -