
Воведување на дигиталното евро со нови предизвици
Воведувањето на дигиталното евро се соочува со нови пречки во Европскиот парламент. Главниот известувач за предлогот, шпанскиот европратеник Фернандо Наварете Рохас, кој припаѓа на Европската народна партија, формираше малцински блок со крајнодесничарски групи. Поради ова, мнозинството за нацрт-законот не може да се обезbedи, а Берлин повикува на напредок, додека критичарите предупредуваат дека предлогот губи на значење.
Амандманите внесени во последниот компромисен текст не се прифатливи за оние што го поддржуваат планот на Европската комисија, што доведе до законодавен застој. Иако нов состанок е планиран за 10 март, се очекува гласањето кое е закажано за мај да биде одложено, бидејќи без мандат од Парламентот, процесот не може да продолжи.
Дигиталното евро доби значајна политичка тежина во услови на економски тензии помеѓу Европската унија и САД, како и зависноста од американските платежни компании „Виза“ и „Мастеркард“, преку кои се реализираат 61% од картичните плаќања во Унијата. Проектот предвидува електронска форма на готовина издадена од Европската централна банка, достапна преку дигитален паричник.
Додека Комисијата предлага систем за онлајн и офлајн плаќања, Наварете се залага за ограничен модел што би функционирал само офлајн, што според критичарите ја поткопува основната визија на проектот.



