Volkswagen Golf GTI го подобри рекордот на Нирбургринг

Volkswagen Golf GTI Clubsport S го подобри сопствениот рекорд на Северниот лак на патеката во Нирбургринг во конкуренција на автомобилите со преден погон, откако успеа да помине близу 20 километри за 7 минути и 47,19 секунди.

Постигнувањето е регистрирано уште на 26 октомври, но дури сега компанијата-производител го објави видеото од од камерата во возилото. Во него се вели дека рекордот е постигнат при идеални услови за работа на моторот и гумите – при температура на воздухот околу 8 степени Целзиусови. На некои од местата на трасата брзината на моделот надминувала и 200 km/h, а на крајот на кругот на стартно-целната рамнина, автомобилот успел да развие 247 km/h (според фабрички податоци максималната брзина на моделот е  260 km/h).

Оваа изведба е полесна од другите автомобили од семејството Golf, па наместо задни седишта  поставен е „рол-бар“ за безбедност. Акумулаторот на автомобилот е помал, а индивидуализираната суспензија е поставена специјално за особеностите на патеката Нирбургринг. Volkswagen Golf GTI Clubsport S е опремен со 2.0-литарски бензински турбомотор со 310 КС и 6-брзински мануелен менувач. Забрзувањето од 0 до 100 km/h трае 5,8 секунди. Од оваа верзија на моделот ќе бидат произведени само 400 примероци.

Автоплус

- Реклама -