БИЛЈАНА З. БИЛЈАНОВСКА
Во пресрет на новиот албум на дуото ДОБРИЛА &ДОРИАН – „WIND TO BLOW” или како што велат авторите во македонски превод „ВЕТАР ДА ПОДУЈНЕ”
Секогаш во моите анализи појдував од едно значајно становиште што ќе го повторам и овде – „НИТУ ЕДНА ДАРБА НЕ Е СЛУЧАЈНА. ДОКОЛКУ СЕ НЕГУВА, ТАА СТАНУВА ВИСТИНСКА МОТИВАЦИЈА ЗА ПОСТОЈАНИ ТВОРЕЧКИ ПРЕДИЗВИЦИ”. Токму тоа е она што би го подвлекла повторно за дуото Добрила & Дориан и нивните постојани заложби од бројни македонски традиционални песни да направат нешто со што ќе ја освојуваат не само својата македонска публика, туку секогаш и пошироко, кога ќе биде неопходно нашата музичка култура да биде идентификатор за нашиот севкупен културен и творечки идентитет.
Можеби по првиот нивни самостоен албум „Апокриф” мнозина ќе заклучеа дека успехот е случајност која се поклопила со едно конкретно време и големата потреба да се нурнеме кон минатото за да го реинкарнираме во сегашноста; по вториот „Пиле шарено”, дека изборот на песните бил успешен, но кога веќе ќе се појави и третиот, во мигов актуелен што ја чека својата прва официјална изведба на ОФФест што ќе се случи на 4 јуни оваа година, „Ветар да подујне”, секако дека ќе биде уште еден многу стабилен камен-темелник во нивната долгогодишна музичка творечка градба која своите почетоци ги бележеше уште со појавата на Чалгија саунд систем и неколкуте еднакво успешни албуми посветени и објавени секогаш со цел за промоција и трајно чување на една многу специфична оригинална музичка македонска традиција.
Во исчекување на она што ќе го доживееме и во оваа прилика со успешно одбраните песни во изведба на Добрила Грашеска и нејзиниот вистински забележителен и неимитативен вокал, и инструментална придружба со утот на Дориан Јовановиќ, да споменам дека извршната продукција е на Оливер Белопета кој е организатор на ОФФест со чиј особен афинитет за поткрепа и поддршка на бројни млади музички изведувачи од домашната и меѓународната музичка сцена, македонската публика постојано доживува нови и успешни изненадувања. Дизајнот на корицата во оваа прилика е на Ника Гавровска, а фотографиите на Наташа Величковска.




