Во меѓувреме, во Малави ловат и убиваат вампири

Во малата југоисточна африканска нација на Малави, владее масовна хистерија. Гласините за вистински вампири што цицаат крв се толку проширени, што се формираат доброволни групи од ловци на вампири кои дури и убиваат луѓе зашто веруваат дека така ги заштитуваат нивните заедници.

Барем 9 наводни вампири се брутално убиени од септември наваму, меѓу кои и двајца во вториот најголем град во земјата, Блантајр (што значи дека не зборуваме само за рурални средини). Според полицијата, двајца биле каменувани, а еден бил жив запален (после испаднало дека е епилептичар, а не вампир). Полицијата има уапсено над 140 луѓе поврзани со групите што таргетираат и убиваат индивидуалци обвинети дека се вампири и дека цицале крв од невини.

Лидерите на Малави велат дека гласините/приказните за вампирите потекнуваат од соседен Мозамбик, каде стравот од вистински крвопии и порано има доведено до насилство. И Обединетите нации веруваат дека хистеријата е дојдена од зад границата.

Како што известува Daily Mail, меѓу тие што се мета на „ловците на вампири“ се и докторите и другите здравствени работници. Зошто? Зашто носат стетоскопи, кои ловциве ги сметаат за алат кој се користи за цицање крв… Докторските асоцијации потврдуваат дека е страшно ризично да си доктор во Малави: докторите ги ограбуваат, им ги уништуваат возилата, ги напаѓаат амбулантните возила кои пренесуваат пациенти до болниците и сл. Велат дека масовната хистерија „брише“ преку нацијата.

Претседателот на Докторската асоцијација на Малави – Амос Салиманда Нјака, во официјалното соопштение рече дека првичните изолирани инциденти биле резултат на „Shared Delusion Disorder“ – пореметување на групна делузија. Се јавува, како што објасни, кога доминантен поединец е под делузија, а тие што го следат до толку му веруваат што почнуваат и сами да ги добиваат неговите делузии.

Сепак, SSD обично е локална појава, а со оглед на тоа колкава е магнитудата на проблемот во многу области на земјата, овде дефинитивно се работи за случај на масовна хистерија, пишува Нјака.

Некогаш не е добро да ја слушаш баба ти, особено ако те убедува дека некој е вампир.

Полицијата вели дека ги зголемила патролите и дека ќе биде уапсен секој кој за кој ќе се покаже дека учествувал во убиствата. Претседателот на Малави – Петер Мутарика, рече дека се работи за огромен проблем и со огромно значење за владата.

Како резултат на насилството на самоорганизираните групи ловци на вампири, Обединетите нации прогласија неколку зони за зони каде движењето не се препорачува (no-go zones). Ситуацијата е „нестабилна и запалива“, велат.

Вампирскиот лов не поминува ни без елементи на политика. Владејачката Демократска прогресивна партија ја обвинува опозициската конгресна партија дека стои зад гласините и насилството. Истовремено, во очи на претстојните локални избори, политички мотивираното насилство е сé почесто (во некои случаи се набедуваат политички противници дека се вампири).

Сепак, во основата на сето ова лудило е локалната култура – суеверијата, митовите и верувањето. Тоа најмногу ги загрижува поборниците за човечки права, бидејќи е длабоко врежано меѓу сиромашните, необразованите и рурални заедници, многу повеќе отколку меѓу политичките противници.

Нападите алармантно многу потсетуваат на големиот пораст на напади и убиства врз луѓето со албинизам, чии коски и делови од телото некои ги користат за црна магија, а други веруваат дека носат добра среќа, богатство (исто и цицањето крв), или заштита од лоши сили/магии, велат од ОН.

Малави е една од најсиромашните нации на светот, со низок образовен стандард, но и мал пристап до едукација. Верувањето во вештерство е широко распространето, а на разните потешкотии често им се припишуваат магични и суеверни објаснувања. Сличен случај на масовна хистерија во реонот имаше во 2002 година, кога еден човек беше убиен, а три католички свештеници нападнати поради гласина дека владата соработува со вампири за да собира човечка крв.

- Реклама -