Да си албино во дел од африканските земји воопшто не е лесно. Таму постои долга традиција луѓето со недостаток на пигмент да бидат навредувани, напаѓани, па дури и ловени и убивани, за потоа буквално да бидат продадени на делови бидејќи се смета дека носат среќа и дека се важна и моќна состојка во „магичните напивки“ на врачовите. Во последно време, овој тренд на напади особено се зголеми во Малави.
Новиот извештај на Amnesty International открива дека овој април бил најсмртоносниот месец во историјата, со дури четири убиени албино Африканци, меѓу кои и едно бебе. Да, до толку е лошо. Од 2014-та, пак, убиени се 18 лица со албинизам, други 5 се киднапирани и сé уште се исчезнати, а во записите се регистрирани вкупно 69 криминални дела во кои жртви биле албино луѓето.
Како што рековме, најголем дел од овие жртви се убиени заради нивните коски и внатрешни органи, кои или се чуваат како амајлии за добра среќа, или се продаваат на врачовите во Малави или другите соседни земји, вклучувајќи го и Мозамбик.
Баш таква е приказната на една од априлските жртви – 17-годишниот Дејвис Флечер Мачинџири. Одел да гледа фудбалски натпревар и по пат бил нападнат од четворица мажи кои го однеле во Мозамбик и го убиле. Полицијата на Малави изјави дека „мажите му ги отсекле двете раце и му ги отстраниле коските. Потоа го закопале остатокот од телото во плиток гроб“.
Со толку многу албино жртви во Малави, Amnesty International пишува дека „7.000-10.000-те луѓе со албинизам во Малави живеат во постојан страв за својот живот, особено од криминалните банди во кои имаат и блиски членови од семејствата“.
Згора на тоа, жените со албинизам во Малави се соочуваат со дополнителна грозна закана – силување. Албино жените се чести жртви и тоа пред сé се должи на локалното верување дека сексот со таква жена лечи ХИВ/СИДА. Во превод, албино жените најчесто се силувани од лица со СИДА.
Како одговор на бранот од силувања и убиства, владата на Малави ги осуди нападите, формираше специјален совет и создаде „Национален план за одговор“. Според Amnesty International, ова е благ одговор, а мерките паѓаат во вода, најмногу поради тоа што казните не се доволно строги за да ги одвлечат идните напаѓачи од своите намери.
Се разбира, голема причина е општата сиромаштија во Малави, па сé повеќе луѓе се осудуваат да убијат лице со албинизам, надевајќи се дека ќе заработат добри пари при продажбата на органите.
Што и да се причините, животот на албино АФриканците во Малави е толку ризичен, што на нивната популација им се заканува комплетно истребување. Во извештајот на Обединетите Нации од април се наведува дека ако не се стори ништо околу спречување на идните криминали, оваа група на луѓе можат засекогаш да исчезнат (во Малави).