Во Берлин паднал компромис, но Бугарија се пишманила веднаш по враќањето на Захариева

На состанокот во Берлин пред една недела, каде шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева и нејзиниот заменик Петко Дојков имаа средба со македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, а на покана од шефот на германската дипломатија Хајко Мас и германскиот државен министер за Европа Михаел Рот, бил усогласен нон-пејпер за надминување на спорот со Бугарија и отворање на патот за почеток на преговорите. Сепак, веднаш по враќањето на Захариева во Софија, Бугарија се откажа од договореното, а на прес-конференцијата министерката де-факто го отфрли компромисот, пишува „Дојче веле“.

Документот попладнево на Фејбук го објавил австрискиот новинар и дописник на националната ТВ ОРФ за Балканот – Кристијан Вершуц. Истиот содржи вкупно девет точки, во кои, според „Дојче веле“, главниот компромис се однесува на јазикот.

Имено, Бугарија се согласува да дозволи одржување на Меѓувладината конференција, но притоа преку преку декларација (која е необврзувачка н.з.) како анекс на Преговарачката рамка, односно со унилатерална изјава, ќе соопшти дека „под македонски јазик го подразбира македонскиот јазик во согласност со Уставот на Република Северна Македонија“. Притоа, Германското претседателство ќе побара од Советот на ЕУ да ја земе в предвид бугарската позиција.

Македонија, од друга страна, прифаќа официјално да соопшти дека македонскиот јазик бил кодифициран во 1945 година, но и дека „краткото државно име“ (без „република“) се однесува единствено на политичкиот ентитет „Република Северна Македонија“. Исто така, во една од точките на нон-пејперот, уште еднаш се потврдува членот 11 од Договорот за добрососедство и на тој начин Бугарија добива уште една потврда од македонска страна дека нема да бара и поттикнува признавање на македонско малцинство на нејзина територија:

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Една од точките се однесува и на работата на Мешовитата комисија за историски прашања, при што двете земји изразуваат подготвеност на поголема сороботка и засилен интензитет и транспарентност на нејзината работа. Германија, од друга страна, нуди подготвеност да помогне во истата.

И останатите точки се однесуваат на билатералната соработка, конкретно на развој на Коридорот 8 и други иницијативи, како и соработка во однос на пандемијата, но и на потврда на посветеноста на двете земји, заедно со Германија, на европската перспектива на Западен Балкан и регионалната соработка…

Во меѓувреме, четири дена по средбата во Берлин, бугарскиот амбасадор во ЕУ, на првиот КОРЕПЕР пред одржувањето на Министерскиот совет, не ја прифати предложената преговарачка рамка поради тоа што не ги содржи бугарските услови. Истиот ден, бугарското МНР во соопштение до јавноста истакна дека за Бугарија е неприфатлива варијантата нивните услови да бидат поставени во декларацијата на Советот на ЕУ, како анекс на преговарачката рамка, а не во самата преговарачка рамка:

„Декларацијата на Советот не е правно-обврзувачки инструмент и не ги дава правните гаранции што ги бара Бугарија. Такви гаранции би имале ако нашите барања беа одразени во текстот на Преговарачката рамка, за што и настојуваме“, беше наведено во соопштението.

- Реклама -