ВМРО-ДПМНЕ: Заев треба да се одмори на подолго време и да не се врати на позицијата премиер

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ и проопозициските портали, Заев е некаде на возење мотор (пс. стара е фотката)

Заев треба да се одмори и тоа по можност на подолго време. Барем додека Македонија не застане на нозе. Заев треба да ги одмори граѓаните и Република Македонија од него, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму порачуваат дека граѓаните не гледаат излез од кризата во која ги втурнал Заев и дека тој најмалку може да биде решението за излез од хаосот. Напротив, Заев е причината за проблемот и мора да си оди, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Колку побрзо, порачуваат, толку подобро.

„500.000 граѓани кои живеат на прагот на сиромаштија, земјоделците кои го фрлија произведеното на буниште, изрекетираните бизнисмени, луѓето кои неможат да најдат лекови во аптеките и граѓаните кои се плашат за својата безбедност поради се поголемата стапка на криминалитет посакуваат одморот на Заев да му биде на неопределено време и истиот да не се врати на позицијата премиер“, велат од партијата.

Во соопштението се истакнува и проблемот со иселувањето на младите. Се вели дека тие биле излажани и се најголемата жpтва од неспособноста на премиерот Заев.

„Додека Заев си се вози на својот луксузен мотор се повеќе млади ја напуштаат државата и трајно се иселуваат. Според податоците на германската амбасада истата годишно издава околу 20.000 работни визи. Слични бројки имаме и од другите развиени држави. Тоа се главно млади луѓе кои не гледаат перспектива во Македонија. Младите кои беа лажени од Заев, сега се најголема жртва на неговата неспосбност.

Апатијата владее во целата економија. Граѓаните имаат се помалку пари, а Заев и министрите се шетаат и луксузираат во соседството, Дубаи и Западна Европа.

Додека државата плаќа возила и обезбедување да го следат Заев во неговите лудории, земјоделците од Преспа ја фрлаат јаболката на буниште. Како премиер наместо да трошеше и да се расфрлаше на луксуз со државни пари можеше да го откупи производството на јаболкарите, кои очајно сечат дрвја и се откажуваат од за нив единствениот извор на егзистенција“, стои во соопштението.

- Реклама -