ВМРО-ДПМНЕ: Виткањето кичма на Заев доведе до целосна негација на државата, нацијата и народот

„Шокирани сме од однесувањето на источниот сосед, чиј негаторски однос е потценувачки за нас како држава, нација и народ и секако не е пример за европска вредност“, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ по „објаснувачкиот меморандум“ од Бугарија до ЕУ членките, во кој се тврди дека македонскиот идентитет и јазик се вештачка творба на Тито и Бугарија на таа основа бара добрососедските односи да бидат услов за почеток на преговорите на земјава со ЕУ.

Од најголемата опозициска партија истакнуваат дека не се согласуваат и осудуваат секаква негаторска политика кон Македонија и македонскиот народ.

Заслугите за однесувањето на Бугарија, меѓутоа, ВМРО-ДПМНЕ му ги припишува на премиерот Зоран Заев:

„Треба да бидеме свесни дека таквото однесување е последица на гмечењето и толчењето на неспособниот мафијаш Зоран Заев кон сопствената држава и народ, кој за власт, пари и тендери е подготвен за трговија.

Прочитајте и:  СДСМ: Новата сила и енергијата на Конгресот ја вознемири ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ смета дека политиката на свиткана кичма на Зоран Заев, без суштинска работа и резултати ги зголемува апетитите на оние имаат поинакви интереси од државните и националните на нашата држава“, се вели во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат и Зоран Заев да понесе одговорност затоа што повторно ги довел во ќорсокак европските интеграции на Македонија, и тоа овојпат во услови на тешка социјална, здравствена и економска криза.

„Заев не е иднината на оваа земја туку тегот и изворот на сите проблеми“, заклучува опозицијата.

- Реклама -