ВМРО-ДПМНЕ: Taлат ја одби иницијативата за референдум зошто најмалку еден милион гласачи ќе го отфрлеа договорот со Бугарија

„Тaлат ја одби иницијативата за референдум зошто најмалку еден милион гласачи ќе го отфрлеа договорот со Бугарија“, порачаа денеска од ВМРО-ДПМНЕ, од каде продолжуваат со реакции поради тоа што претседателот на Собранието ја отфрли нивната иницијатива за референдум за Договорот со Бугарија.

„Власта предводена од антимакедонската СДС, со одлуката да се отфрли иницијативата за Референдум, покажа дека се плаши од соочување со народот и нема апсолутно никаков демократски капацитет. Тие го измолија Талат Џафери да изигрува Уставен судија и да прекршува закони, само и само да му ја спаси привремено кариерата на Ковачевски“, повторија од ВМРО-ДПМНЕ.

Одлуката на власта, како што велат од најголемата опозициска партија, е резултат на паника и страв.

„Тие само покажаа дека имаат уплав од народот. Свесни се дека огромно мнозинство на граѓани се спремни да излезат на референдумот и да гласаат за отфрлање на договорот со Бугарија. Народот гледа дека овој договор кој го потпиша антимакедонската СДС е извор на асимилаторската и негаторска политика кон Македонија. Овој Договор е штетен и задира во македонскиот идентитет, култура и историја“, категорични се од ВМРО-ДПМНЕ.

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

Бранејќи ја одлуката на Џафери, сега СДСМ уште повеќе се препелка во лаги и манипулации, велат од опозицијата.

„Но сите манипулации паѓаат во вода пред фактите. Прво, Иницијативата за референдум е согласно Уставот и согласно членот 24 од Законот за референдум и се однесува на прашање од надлежност на Собранието, односно за поништување на Законот за ратификација на договорот со Бугарија.

Второ, референдумот не се однесува на промена на меѓународен договор, туку негово дефакто поништување преку поништување на Законот за ратификација. Впрочем, самиот Договор со Бугарија во член 13 предвидува дека тој може да биде раскинат“, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие порачаа дека во СДСМ се лажат ако мислат дека „давеникот Ковачевски“ ќе се спаси со „гумата што му ја фрлил Џафери“.

„Ковачевски веќе покажа дека не ги слуша граѓаните и затоа ќе тоне сѐ подлабоко и подлабоко. Секој човек може да види колку антимакедонската СДС се плаши и бега од соочување. Оваа ненародна власт изгуби секаков легитимитет. Може да се кријат, ама нема да избегаат од народната казна“, уште еднаш предупредија од ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -