ВМРО-ДПМНЕ најави блокада на Владата и МНР поради преговорите со Бугарија

Доколку до вечерва Заев не соопшти јавно за што точно тајно се преговара во Софија овие денови, ВМРО-ДПМНЕ утре ќе ги блокира Владата и Министерството за надворешни работи, соопштија од опозицијата.

„Зоран Заев во интервју за бугарски медиум соопшти скандалозни тези ретуширајќи ја историјата, нашите придобивки од антифашистичката борба, удирајќи по темелите на современата Македонска држава. Дали искажаните позиции, за кои не се извини, сега се на маса за пазарење со Бугарија?“, прашуваат од партијата.

Под мотото „протест сега, за да не биде предоцна“, тие денеска повторно протестираа, овојпат во 11 градови низ државата, со порака дека недозволиво е актуелната власт и Зоран Заев да преговараат за македонскиот идентитет, јазик и историја; но и со барање за итно повлекување од преговорите и оставка на премиерот Зоран Заев.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ – Ангелинка Петкова, од Гевгелија порача дека ВМРО-ДПМНЕ остро се спротивставува на сервилната политика на власта и дека заедно со народот нема да го дозволат откажувањето од македонската историја, јазик и идентитет преточено во Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година.

Петкова побара итно формирање влада за национален консензус спас, бидејќи, како што рече, кататстрофалните политики кои ги спроведуваат Заев и СДСМ ја носат Македонија во целосен пропаст. Здравствената, економската, а сега и политичката криза, се јасен показател дека државата тоне, порача таа, карактеризирајќи го Заев како единствениот политичар кој во овие 30-тина години ги понижил Македонија и македонскиот народ, распродавајќи ги македонските интереси.

Петкова истакна и дека протестите ќе продолжат и во следниот период, а воедно побара и масовна поддршка од народот, со цел запирање на погрешните и катастрофални политики на актуелната влада и Зоран Заев.

Прочитајте и:  ПП Левица: Власта именува директор на затвор од ЗНАМ гонет за несовесно работење

Во Неготино, пак, пратеникот Златко Пенков побара извинување од владата и Заев за неговите искажани ставови и, како што рече, откажување од македонската историја и идентитет во интервјуто за бугарската национална агенција БГНЕС.

Тој побара и оставка од премиерот, затоа што, како што истакна, свесно ја манипулира јавноста и ја понижува државата пред другите земји.

„Заев не само што ја понижува државата внатре, туку ја понижува и надвор. Секаде каде што ќе замине, го понижува македонскиот народ со својата сервилна политика и непромислените изјави. Интервјуто на Заев за бугарската национална агенција БГНЕС покажува дека тој не води грижа за македонските национални интереси и ги распродава каде и да стигне“, рече Пенков.

Како и Петкова, и Пенков порача дека ВМРО-ДПМНЕ се спротивставува на сервилната политика и повика на масовни протести пред да биде предоцна:

„Преку овие протести сакаме да ги информираме сите граѓани дека нема да дозволиме понижување и распродажба на македонските национални интереси, ниту распродажба на македонската историја и идентитет. Македонија е сѐ што имаме, мораме да ја одбраниме. Токму затоа ги повикуваме сите граѓани во наредниот период масовно, рамо до рамо да застанат со нас и да не дозволиме понижувањата да продолжат. Да излеземе што помасовно, со почитување на мерките за заштита од КОВИД 19 и да побараме оставка од Заев и слобода за народот“, истакна Пенков.

 

 

- Реклама -